8.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
АНАЛИЗАИЗБОР

Косовскиот камен на преговорите се стркала надолу, каде што се наоѓаше пред десет години

Пишува ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Она што последните две недели се случува во Косово, несомнено дека се следи и кај нас со внимание. Причините за интересот не треба да се објаснуваат, а секако ни изненадувањето во светската јавност и кај нас, особено затоа што во еден миг тензиите беа зголемени до точка на свирење на воените фанфари. Поводот за некој што не е од Балканот може да му изгледа навистина бизарен. Се работи за промена на табличките на автомобилите! Српскиот етнос на Косово главно вози автомобили кои во себе содржат ознаки кои ги поврзуваат со матичната држава, а косовските власти сакаат да ја прекинат таа практика која несомнено во себе крие и извесна политичка двосмисленост.

Од македонски ракурс, гледано со визурата на еден наплатувач на патарини, на пример, кој би можел да се заколне дека дневно гледа по стотина автомобили и товарни возила со бугарски таблички кои им припаѓаат на македонски државјани (кои мора да одат барем еднаш на шест месеци истите да ги пререгистрираат кај бугарските органи), но тоа не е особено шокантен мотив за нарушување на расположението кај јавноста. Ниту кај државните органи, па ниту кај граѓаните, нема особено лоши коментари за оваа поплава на бугарски таблички која постои практично од осамостојувањето на државата. Овие возила „ги арчат“ македонските патишта (и не плаќаат за „вињетки“ кога одат за Бугарија) што значи финансиска штета за земјава, но оние кои набавиле такви таблички се третираат како „снаодливи“ поединци.

Што е тука во игра кога се работи за српско-косовските односи? Па најнапред, тоа е без сомнение последното обележје по кое властите во Приштина би можеле да сметаат дека табличките го содржат последниот спомен на некогашната Социјалистичка автономна покраина Косово и Метохија, која постоеше во рамките на Социјалистичка Република Србија, федерална единица на СФРЈ. Да објасниме: владата во Приштина на српската регистарска табличка со ознаката КМ, по сила на косовските закони, сака да ги смени табличките со ознаката РКС (Република Косово).

За Белград тоа менување на табличките би било откинување на последното присуство на Србија во Косово преку една, во основа управна постапка. Рака на срце, тоа е дел од работата на некаков државен орган, како што во институциите кои се дел од Пионерскиот парк (кој ги спојува Скупштината и претседателскиот кабинет во Белград) се нарекува „таканаречена држава Косово“. Она што – како што пишува белградско Време, без сомнение магазин кој е пример на либерално списание – е како последно подигнување на влогот во една долга коцкарска игра на разни политичари од двете страни, овој пат претставувани од премиерот Курти, односно претседателот Вучиќ, додека на масата седи претставникот на западните сили, како „крупие“ – Лајчак. Би додале, додека од некое ќоше набљудува Американецот Габриел Ескобар.

Одговор на тоа „подигнување на влогот“ е комплетно рушење на сè што во последните десет години, откако партијата на Вучиќ е на власт, е постигнато во онаа „миц по миц“ дипломатија, со јасна слика на разголување на едниот од играчите „до коска“, што значи комплетен неуспех на неговата политика по косовското прашање.

Само кусо, да забележиме дека неговиот политички противник Тадиќ имаше формула „и Европа и Косово“, што не беше сосема по вкусот на белградските либерали, и падна и во очите на плебсот, но и на дел од неговите поддржувачи (преку т.н. бели ливчиња). Вучиќ и напреднњаците дојдоа на власт во 2012 година, значи пред една деценија, со многу потврди позиции од оние на Тадиќ.

И каде стигнаа? До тоа српските полицајци и судии да ги напуштат своите позиции, претседателите на три општини со претседатели кои не се Албанци да ја напуштат локалната власт и да создадат криза. Воедно, на Копаоник биле забележени дронови, подоцна наречени комерцијални (што и да значи тоа), наводно, како бележат каде се позициите на српската војска, па над небото на Белград да летаат воени авиони со застрашувачки звук и потоа да бидат срушени два летечки објекти од минимален формат.

Во исто време, во Брисел тие сигнали беа сфатени сериозно. ЕУ ги повикува двете страни да се воздржат од какви било унилатерални дејствија кои би можеле да доведат до дополнителни тензии, нагласи шефот на дипломатијата на ЕУ – Жозеп Борел. Тој оцени дека „настаните во односите меѓу Косово и Србија ја загрозуваат долгогодишната напорна работа и постигнатото во рамките на дијалогот меѓу Белград и Приштина“, како и дека „ја усложнуваат безбедносната ситуација во регионот и пошироко“.

Во понеделникот дознавме и дека ген. секретар на НАТО Столтенберг му се јавил на Вучиќ по ова прашање – загрижен е заради нестабилноста, но и заради фактот дека на Косово има свои трупи кои се грижат за редот и мирот (во чии рамки има и еден вод припадници на АРМ).

Јасно, Брисел внимаваше да создаде привид на еквидистанца од спорот. Кон Белград упати порака дека повлекувањето на Србите од косовските институции не е решение за актуелните спорови и ги повика Србија и претставниците на косовските Срби да ги почитуваат обврските од дијалогот и да се вратат во косовските институции, вклучително и полицијата, судството и локалната администрација.

Во исто време, ЕУ уште еднаш ги повика косовските власти да ги почитуваат своите обврски без одлагање, што значи итно продолжување на процесот за пререгистрација на возилата и суспендирање на какви било казнени дејствија против сопствениците на табличките КМ, се вели во писмената изјава на Борел. Косовските власти најавија дека во одреден период возачите на возила со стари таблички ќе бидат само опоменувани, сега излегува дека во старт се изречени 800 мандатни казни.

Она што е вистинскиот спор меѓу Приштина и Белград е неисполнување, според Србите, на клучната точка од т.н. Бриселска спогодба за формирање на Заедница на српски општини на северот на Косово. Неисполнувањето на оваа обврска, своевремено потпишана од Хашим Тачи и Кетрин Ештон (2013 г.) се претвори во зацементирано „не“ од косовска страна.

Потписниците од другата страна (Дачиќ), но и шефовите на народњаците, добија „по носот“ од Српската православна црква и од дел од народот, особено оној кој живее во Косово, а сè беше оценето како предавање на националните интереси. Но и ова наводно предавање на интересите (поглаварот на СПЦ Иринеј рече дека подобро да биле предадени за ништо отколку за било што) не доведе до посакуваната компензација.

Потписниците се обврзуваат да го подготват договорениот план за имплементација до 26 април таа, 2013 година. При спроведувањето на договорот мора да се почитува принципот на транспарентност на финансирањето.

Потписниците се обврзуваат да постигнат договор за телекомуникациите и енергетиката и да ги завршат до 15 јуни 2013 година.

Двете страни се обврзуваат да не блокираат една со друга, ниту да ги охрабруваат другите да ја блокираат европската интеграција на другата страна.

Во однос на ова прашање, „централниот нерв“ на српско-косовските односи, овој пат Брисел реагираше најотворено повикувајќи го Курти „веднаш да иницира чекори кон формирање на заедница на општини со српско мнозинство“. Собранието на Косово го ратификуваше Бриселскиот договор, а Уставниот суд на Косово одлучи заедницата да се формира, потсетува Борел и наведува дека ова е „законска обврска за Косово“.

Отпорот на косовските власти за имплементацијата на оваа Спогодба е повеќе од видлив: тој нема да се спроведе! Ова го потврдува во своите интервјуа поранешниот „југословенски младинец“ Азем Власди, кој се претставува како советник на политичкиот крем на неговата држава. Тој, ако може да го интерпретираме така, во овој чин на создавање на Заедница на српски општини гледа зачеток на иредентизмот на Белград. Според неговото гледање, идејата на Белград е да го поврзе хипотетички отцепениот северен дел на Косово, преку на моменти нестабилниот Санџак, со во иднина сепарираната Република Српска, пред сè, онаа на левиот брег на Дрина.

За меѓународната заедница сега очевидно не се признава географската проекција за сметка на правните обврски. Курти на Самитот во Берлин неодамна јасно кажа дека нема да ги слуша ниту бриселските, ниту американските препораки и нема да го одложи процесот на промена на регистарските таблички за 10 месеци, туку го започна тој процес на 1 ноември.

Во исто време, на истиот Самит, рече дека Косово нема да се согласи со формирање на Заедницата на српските општини – последниот адут на Александар Вучиќ, бидејќи да го стори тоа, објасни косовскиот премиер, би било имплементација на некој вид на Република Српска или САО Краина на Косово, креација што ќе му послужи на Белград како инструмент за дестабилизација на Косово.

Кој е следниот потег на клучните фактори? Вучиќ ги сруши сите придобивки во преговорите со Косово, карташки речено „ги зема во свои раце сите чипови“ (стои во уводникот на Време од последниот број). Странскиот фактор е очевидно изнервиран со непослушноста на Курти, иако претходно имаше кадровски промени во Приштина заради иста таква непослушност кон странците!

Ако се следат српските ТВ програми, во тек е покривање на позицијата на Вучиќ, која воопшто не е завидна, со факторот – безгрижност. Имено, се смета дека во ОН може да се смета наводно на вето што би го дале Кина или Русија, ако постои обид за прифаќање на Косово како рамноправна членка. Ова секако не мора да биде точно! Кина си е повеќе воздржана по ова прашање отколку наклонета, а Русија, после референдумот во окупираните подрачја во Украина би си скокнала самата себеси в уста, односно би била целосно непринципиелна заради „прагмата“ – што ќе си освојам, мое си е!

Потоа, постојат очевидно убедувања од страна на странскиот фактор дека „Србија многу полесно би влегла во ЕУ без Косово отколку со Косово“.

Ама белградскиот адвокат Родољуб Шабиќ, во гостувањето на утринската програма на телевизискиот канал N1 рече дека потписите кои ги ставија на заклучоците на последниот Берлински самит и Брнабиќ и член на приштинската делегација – веќе значат признавање на Косово и од тоа нема бегање!

Но, ова евидентното признавање на Косово во меѓународниот сообраќај е токму дел од суштината на француско-германскиот предлог за косовската разрешница, која значи Србија формално да не го признае Косово, ама да не го стопира влезот во ОН и другите меѓународни институции. На ова секако смета Курти, иако со инсистирањето на промена на таблиците се покажува како „недисциплиниран ученик“ кон странците и си ја влошува позицијата. И Германија и Франција не би сакале да добијат некаков пулен што во иднина нема да може да се контролира! Унијата, кога е Косово во прашање, би сакала сепак да биде во позиција на онаа народната „Кума донела, ама кума и однела“.

Извор: ЦИВИЛ МЕДИА