Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Шест брода со жито испловија од Украина по враќањето на Русија на договорот

Шест брода натоварени со жито испловија од украинските пристаништа на Црното Море по враќањето на Москва на договорот за извоз на жито, изјави во четвртокот турскиот министер за одбрана, јавуваат агенциите.

„Шест брода испловија од украинските пристаништа по обновената иницијатива за жито“, рече Хулуси Акар во Анкара.

Со тоа вкупниот број на бродови од Украина што превезуваат повеќе од 9,7 милиони тони жито се искачи на 426 од стапувањето во сила на договорот од јули со посредство на Турција и ОН, рече Акар.

Турција се надева дека договорот за извоз на жито ќе помогне да се отвори патот кон прекин на огнот и кон мир, рече турскиот министер, пренесува агенцијата ДПА.

Москва се врати на договорот кога со посредство на Турција доби гаранција од Украина дека нема да го користи поморскиот коридор за воени дејства против Русија.

Но, Украина останува на ставот дека не презела нови обврски надвор од условите од јулскиот договор за извоз на жито од украинските пристаништа на Црното Море по руската инвазија, изјави портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи, пренесува „Ројтерс“.

Портпаролот Олег Николенко напиша на „Фејсбук“ дека Украина никогаш не го користела Црноморскиот коридор за жито за воени цели и никогаш немала намера да го стори тоа.