15.8 C
Скопје
9. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото: Pixabay
ВОЈНА ВО УКРАИНАСВЕТ

Пентагон: Нема индикации дека руските нуклеарни вежби се параван за вистинско распоредување

Соединетите Американски Држави не видоа ништо што би сугерирало дека тековната годишна нуклеарна вежба на Русија „Гром“ може да биде параван за вистинско распоредување, рече американскиот секретар за одбрана Лојд Остин.

„Не видовме ништо што би нè навело да веруваме, во овој момент, дека ова е каков било вид на прикриена активност“, им рече Остин на новинарите.

Рускиот претседател Владимир Путин во средата надгледуваше дел од вежбата на руските нуклеарни сили за кои Москва рече дека вклучува интерконтинентални балистички ракети „Јарс“ и стратешки бомбардери „Тупољев“.

Западните власти се уверени дека можат да ги препознаат индициите дека Русија ќе распореди такво оружје, пишува Ројтерс.

Додека украинските сили напредуваат во окупираната област Херсон, рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу во неделата го повика Остин за да разговара за тврдењата дека Украина планира таканаречен „валкан бомбашки напад“.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Русија со ваквото обвинување покажува дека планира напад со такво оружје и засилен радиоактивен материјал за да го обвини Киев. Исто така, постои загриженост дека Москва ќе употреби послабо, „тактичко“ нуклеарно оружје.

Остин рече дека не верува оти Путин решил да посегне по тоа оружје, но не сакаше детално да одговори каков би бил потенцијалниот одговор на САД на таквиот чекор на Москва. „Од почетокот бевме многу јасни дека ќе има многу голем одговор од меѓународната заедница“, рече Остин.