26.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТИЗБОР

Се колнам дека ќе ви служам со интегритет и понизност, рече идниот британски премиер Риши Сунак

Велика Британија се соочува со сериозни економски предизвици и има потреба од стабилност и единство, изјави денеска Риши Сунак, во својот прв јавен говор откако беше назначен за лидер на владејачката Конзервативна партија и иден премиер.

„Нема сомнеж дека се соочуваме со голем економски предизвик“, рече Сунак.

Тој посочи дека на Британија сега и треба стабилност и единство и дека негов приоритет ќе биде да ги зближи Конзервативната партија и земјата.

„Се колнам дека ќе ви служам со интегритет и понизност“, изјави Сунак, пренесе Би-Би-Си.

Тој додаде дека континуирано ќе работи во корист на британскиот народ.

Сунак рече дека му е чест што ја има поддршката од своите колеги пратеници и што е избран за лидер.

„Најголемата привилегија во мојот живот е што можам да и’ служам на партијата што ја сакам и да и’ вратам на земјата на која и’ должам толку многу“, нагласи тој.

Сунак и оддаде признание на Лиз Трас за нејзиното достоинствено лидерство во тешки околности во странство и дома.

Руши Сунак ќе биде 57. премиер на Велика Британија. Тој на функцијата ќе ја наследи Лиз Трас која си поднесе оставка по 45 дена на власт. Сунак ќе биде првиот британски премиер со азиско потекло. Син е на имигранти кои имаат индиски корени.

42-годишниот Сунак ќе влезе во историјата и како најмладиот премиер што го имала Велика Британија од 1812 година. Негова сопруга е Акшата Мурти, која е ќерка на индискиот милијардер Нарајана Мурти. Се проценува дека парот „тежи“ 730 милиони фунти. Со тоа, тој е и еден од најбогатите премиери што некогаш ги имала Велика Британија.