26.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТТОП ВЕСТИ

Макрон дојде во Ватикан, разговараше со папата за Украина

Францускиот претседател, Емануел Макрон, беше примен од папата Франциско во Ватикан, по третпат откако стана претседател, а разговорот главно беше посветен на војната во Украина.

Шефот на француската држава, кој беше во Ватикан придружуван од сопругата, разговараше со папата во аудиенција која траеше речиси еден час.

Според Елисејската палата, разговорот бил фокусиран на меѓународната ситуација, а особено на Украина. Францускиот претседател зборуваше за потребата од „верски дијалог“ и за „улогата“ што може да ја игра Католичката црква.

„Посебно внимание истотака беше посветено и на регионот на Кавказ, Блискиот Исток и Африка“, се вели во соопштението на Ватикан.

Ова е трета аудиенција кај Папата за Емануел Макрон, по оние во јуни 2018 и ноември 2021 година.

Претседателот Макрон од неделата е во Рим, каде што одржа говор на отворањето на меѓурелигискиот мировен самит организиран од италијанската католичка заедница Сант Еџидио. Во понеделникот тој се сретна и со претседателот Серџо Матарела.

Во неделата Макрон на конференцијата истакна дека верува оти постои можност за мир во Украина, но дека тоа може да се случи само кога Украинците ќе одлучат да го сторат тоа и според условите на Киев.

„Постои можност за мир, тој ќе се појави во одреден момент“, рече Макрон на конференцијата во Рим.

„И во одреден момент, со оглед на тоа како се развиваат работите, и кога украинскиот народ и нивните лидери ќе одлучат за условите, може да се постигне мировен договор со другата страна“, додаде Макрон.

Од почетокот на руската инвазија на Украина на 24 февруари, папата Франциско не престанува да го осудува конфликтот додека се обидува да одржи дипломатски дијалог со Москва и Руската православна црква.

Францускиот претседател во неделата вечерта се сретна и со новата италијанска премиерка Џорџа Мелони, со што стана првиот странски лидер кој се сретна со шефот на постфашистичката партија Браќа на Италија, победник на изборите во Италија во септември.