6.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТТОП ВЕСТИ

Путин: Русија не е против членството на Украина во ЕУ бидејќи не е воена организација

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека не се противи на кандидатскиот статус на Украина или евентуалното членство во Европската унија и дека нема причина за загриженост бидејќи ЕУ не е воена организација, за разлика од НАТО, јавува агенцијата Анадолија.

Путин учествуваше на 25. Меѓународен економски форум во Санкт Петербург, каде ги коментираше светските економски и политички случувања.

Наведувајќи дека Русија има моќ значително да го зголеми извозот на храна и ѓубрива, Путин рече дека има проблеми во снабдувањето со храна која не доаѓа од Русија, туку од Запад.

Рускиот претседател во таа насока посочи дека зголемувањето на понудата на глобални прехранбени производи и задоволувањето на потребите на земјите на кои им е потребна е најважната задача на меѓународната заедница.

Нагласувајќи дека руското снабдување со жито може да се зголеми на 50 милиони тони следната сезона, Путин рече дека приоритет ќе биде регионот на Блискиот Исток и африканските земји.

„Русија не е одговорна за проблемот со житото во Украина. Ние не се мешаме во снабдувањето со жито од Украина. Не сме ние тие што поставуваме мини во пристаништата на Црното Море.

„Нека ги исчистат мините и нека ги отстранат бродовите“, рече Путин.

Путин истакна дека има неколку опции за извоз на жито од Украина, но дека тоа може да се случи само доколку Киев сам одлучи, без да ги слуша „оние преку океанот“.

Коментирајќи ги медиумските наводи дека Русија се заканува со нуклеарно оружје, Путин рече дека реториката доаѓа од устите на неодговорни политичари и дека се користи на многу високо ниво.

„Штом одговориме, нè напаѓаат поради тоа и велат дека Русија се заканува. Никому не се закануваме.

„Не се закануваме, но сите знаат што имаме и треба да знаат што ќе користиме доколку е потребно за да го заштитиме нашиот суверенитет“, додаде Путин.

Одговарајќи на прашањето за можниот кандидатски статус или членство на Украина во Европската унија (ЕУ), Путин рече дека има јасен став за тоа.

„ЕУ не е воена организација, за разлика од НАТО. Како што секогаш велам, нашиот став е многу конзистентен и јасен во овој поглед. Русија не е против тоа“, рече Путин.

Нагласувајќи дека на украинската економија ќе и бидат потребни огромни субвенции, Путин рече дека земјата на крајот може да се претвори во полуколонијална држава.

„Воените конфликти се секогаш трагедија. Ова е само неопходна акција од наша страна. Тоа беше неизбежно“, рече Путин.

Спонзорирано: