17.8 C
Скопје
3. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈА

Спасовски со одговор до Ковачки: „За кое скандалозно МВР зборувате? За она кое на вчерашен ден пред пет години командуваше група во Собранието за да не’ убие?!

На денешната собраниска седница резервирана за пратенички прашања, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, одговарајќи на констатации изнесени од страна на опозицијата под превезот на пратеничко прашање, рече: „Благодарам на констатациите кои ги изнесовте, а за кои не сакавте да прашувате – јас ве охрабрувам да ги поставите сите тие прашања поединечно, за да ви дадам одговор на сите. Ќе започнам од констатацијата дека станува збор за најскандалозното Министерство за внатрешни работи досега: не знам дали знаете дека сега е 2022 година – пет години после 2017 година кога на вчерашен ден како партија и структура организиравте група која влезе во Собранието за да не’ убие! Тоа е скандал на МВР, предводено и командувано од Чавков во тоа време, кој вие сигурно го одобрувавте со аплаудирање на сето она што им се случуваше на пратениците, на новинарите, на сите други присутни коишто едвај успеаја да се спасат.

Второ, скандалозното МВР е она во коешто министерот за внатрешни работи, помогнат со братучедот на Груевски, Мијалков, прислушуваше 22.000 луѓе во Македонија! 22.000 луѓе, меѓу кои најголемите жртви бевте токму вие, луѓето од ВМРО-ДПМНЕ и навистина мислам дека се доволни овие примери за да се покаже скандалозноста за тоа што било тогаш, а што е сега“.
Спасовски од собраниската говорница додаде дека таквата констатација од опозицијата е небулозна во ова време кога се направени реформите на службата за безбедност, реформите на следење на комуникациите, формирањето на ОТА итн.

„Невидена лага е да кажете дека некој се обидел да скрие убиство на ракометарот во Македонија. Ако сакате да се навратиме во времето до 2017 година – таков скандал вие направивте, со една голема разлика: во периодот на изборите во 2011 година, токму луѓе од обезбедување, луѓе од полиција убија член на ВМРО-ДПМНЕ. Го убија Мартин Нешковски токму на прославата на победата на ВМРО-ДПМНЕ. За разлика од тогаш сега се случи убиство кое, исто така, е извршено од близок човек на вашиот лидер, на тие што се околу, барем тоа говорат фотографиите, меѓутоа овојпат на странски државјанин. Кој би бил мотивот?! Бидејќи за да скриете нешто, мора да имате мотив тоа да го сторите. Не постои никаков мотив за таква работа. Второ, ако веќе знаете нешто за оперативното работење на МВР – тој тон дрога кој беше дозволен да се товари во комбе за потоа да се пресретне и заплени, тоа беше заплена на дрога во најголема вредност – некаде повеќе од 150 милиони евра. Тоа не може да го покажете како скандал, туку како успех на македонската полиција во изминатиот период….и за низа други прашања, меѓу кои ќе одговорам на последното прашање за кое баравте да добиете одговор. Да, се случи сообраќајна незгода во којашто учествуваше возило на Владата, а во возилото беа двајцата министри, за финансии и за економија. Спроведена е целосна постапка, извршен увид на лице место, покрената дисциплинска и прекршочна постапка, согласно позитивните законски прописи. Значи, без разлика кој учествува во таа соообраќајна незгода – тој мора да сноси одговорност за тоа што го прави. И тука нема разлика дали бил министер, пратеник, директор, возач на министер, бидејќи мора да бидеме сите еднакви пред законот. Неколку пати е објавено дека се преземени сите можни мерки, и по медиумите, и во билтенот итн.“, додаде министерот Спасовски.

Во однос на констатациите во врска со обезбедување на лица, министерот Спасовски објасни дека обезбедувањето на лица се прави врз основа на проценка која ја врши Агенцијата за национална безбедност, а сите лица кои имаат во моментот обезбедување се врз основа на решение за постоење на безбедносен ризик, без разлика дали биле пратеници или не, токму врз основа на проценката од АНБ.

„Впрочем, можете да се заинтересирате, да го прашате и вашиот лидер дека во моменти кога постоеја сериозни закани за безбедноста на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, такво барање беше доставено до МВР, аргументирано со заканите од Фејсбук и другите социјални мрежи, доставено до МВР и до АНБ. За волја на вистината, тоа беа закани претежно од членови на ВМРО, но ние тоа го сфативме сериозно и во тој момент му беше доделено физичко обезбедување, поради тоа што сметавме дека му беше загрозена безбедноста и треба да се зачува неговиот интегритет. Кога сме веќе кај обезбедувањето и возачите, за разлика од споменатиот возач на министрите кој направил сообраќајка и за кого е поведена постапка, да ви кажам дека едно од лицата кое беше обезбедување на вашиот лидер, паркираше службено возило пред еден продажен објект во близина на МВР и го остави вклучено во погон цели 13 часа. Тогаш реагираа вработените во продавницата, на што се вклучи и полицијата и имавме што да видиме – обезбедувањето на лидерот на опозицијата заборавило службено возило вклучено во погон. И за него беше поведена постапка и тој беше дисциплински казнет. А доколку сега сметате дека постои некаква загрозеност за лидерот на опозицијата, постапката секако ја знаете – ќе доставите барање до Агенцијата и нема никаков проблем уште еднаш да му се достави решение за обезбедување“, одговори министерот Спасовски на обвинувањата од страна на опозицијата.

Спонзорирано: