34.8 C
Скопје
13. јуни 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Израелските медиуми ги објавија трите барања на шефот на Хамас за ослободување на заложниците

Лидерот на палестинската исламистичка организација Хамас во Појасот Газа, Јехја ал Синвар, и понатаму има три барања во преговарачката понуда за договорот за заложниците, објавија медиумите.

Синвар сè уште бара загарантиран крај на војната, изјави синоќа за израелската телевизија Канал 12 извор близок до лидерот на Хамас. Израел тоа барање досега го отфрлуваше.

Синвар, наводно, сака писмена обврска за „безусловно прекинување на непријателствата“.

Според израелската телевизија, ал-Синвар побарал и Израел да не го спречува враќањето на Западниот Брег на палестинските затвореници кои треба да бидат ослободени во замена за заложниците земени од Израел.

Според последниот нацрт на договорот, Израел сака да ги испрати оние кои отслужуваат доживотна казна затвор во Појасот Газа или во странство.

Понатаму, лидерот на Хамас сака детали за материјалите што Израел нема да дозволи да бидат испорачани во Газа за реконструкција.

Според извештајот, во Израел се претпоставува дека Хамас нема да даде јасен негативен одговор на предлогот поради меѓународниот притисок. Египетските посредници, со поддршка на САД, во моментов се обидуваат да постигнат договор.

Милитантната исламистичка организација Хамас претходно објави дека повторно ќе испрати делегација во Египет за да ги заврши индиректните преговори со Израел за ослободување на заложниците и договор за прекин на огнот.

Египетската државна телевизија Ал-Кахира њуз објави дека делегација на Хамас треба да пристигне во Каиро во следните два дена за продолжување на преговорите.

Израелската влада најави дека во брзо време ќе започне офанзива во Рафах на југот на Појасот Газа, на границата со Египет, доколку не се постигне договор./Извор:Makfax