12.8 C
Скопје
4. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТТОП ВЕСТИ

Франција избира претседател: Дали Макрон ќе освои уште еден мандат?

Во Франција денеска се одржуваат претседателски избори, чиј исход може да доведе до тектонски пореметувања во Европската Унија, бидејќи Марин Ле Пен за првпат е сериозен противник на актуелниот шеф на државата Емануел Макрон, анализираат медиумите.

Двајцата претходници на Макрон, Никола Саркози и Франсоа Оланд, не успеаја да добијат втор претседателски мандат, но неодамнешните анкети покажуваат дека Макрон може да го стори тоа, иако не толку лесно како пред пет години.

Ле Пен во октомври минатата година имаше поддршка од само 15 проценти од гласачите, но во меѓувреме, со повеќемесечната кампања, во која ги посети не само повеќето градови, туку и населбите, како и промената на реториката, го намали јазот зад Макрон на три проценти. Последните анкети објавени пред неколку дена покажуваат дека Макрон би можел да добие 26 отсто од гласовите во првиот круг, а Ле Пен 23. Се очекува актуелниот претседател во вториот круг да добие 53 отсто, а Ле Пен 47 отсто.

Аналитичарите, пак, предупредуваат дека трката не е решена, пред се затоа што анкетите покажале дека никогаш немало повеќе неопределени гласачи на неколку дена пред изборите, кои ќе ја донесат одлуката во последен момент. Дополнително, се посочува дека на гласање би можеле да излезат рекордно мал број гласачи. На претседателските избори традиционално гласаат околу 80 отсто од запишаните во избирачките списоци, а сега се очекува десет отсто помалку.

Ако е така, општо мислење е дека повеќе би и одговарало на Ле Пен, која со работа на терен успеа да привлече голем број гласачи на своја страна.

Французите најмногу му замеруваат на Макрон што практично ја игнорирал кампањата и се занимавал речиси исклучиво со војната во Украина и тој не отишол на традиционалните телевизиски дебати со противниците.

На почетокот на војната во Украина, Макрон се чинеше дека ја игра вистинската карта, кога се обиде да биде „спасител на Европа“ во многубројните разговори со рускиот претседател Вадимир Путин, но потоа следеа големи поскапувања и гласачите добија впечаток дека тој нема чувство за нивните секојдневни проблеми.

Ле Пен, пак, во кампањата целосно ја изостави мигрантската тема, која претходно и освои многу гласови, а вешто избегнуваше да го коментира руско-украинскиот конфликт. Наместо тоа, таа се фокусираше исклучиво на проблемите кои најмногу ги засегаат Французите – огромното поскапување на енергијата и речиси сите прехранбени производи, а нејзината популарност растеше од ден на ден, пишуваат медиумите.

Во претседателската трка влегуваат 12 кандидати, а се предвидува дека третото место ќе го освои лидерот на радикалната левица Жан Лук Меланшон со околу 17 отсто од гласовите. Кандидатот на умерената десница Валери Пекрес и кандидатот на крајната десница Ерик Земур би можеле да добијат девет отсто од гласовите, прогнозираат аналитичарите.

Спонзорирано: