19.8 C
Скопје
8. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ВОЈНА ВО УКРАИНАТЕМАСВЕТ

Украина објави имиња на 2.000 руски војници за кои тврди дека убивале цивили во Буча

Украинската разузнавачка служба објави список во кој наведува имиња на руски војници и офицери за кои тврди дека ги извршиле злосторствата врз цивили во Буча.

Снимките на стотици тела по улиците на градот го згрозија светот и наидоа на остра осуда од Западот. Американскиот претседател Џо Бајден порача дека рускиот лидер Владимир Путин ќе биде суден за воени злосторства.

Списокот со наводните извршители на страотното злосторство е објавен на веб-страницата на Министерството за одбрана на Украина и вклучува имиња, датуми на раѓање, броеви на пасоши и чинови на околу 2.000 војници и офицери.

Покрај тоа стои порака:

„Запомнете! Сите воени злосторници ќе бидат изведени пред лицето на правдата за злосторствата извршени врз цивилното население на Украина”.

Амбасадорот на Русија во Советот за безбедност на ОН Василиј Небензја вечерта одржа прес-конференција на која изрази незадоволство поради тоа што на барање на Русија не е свикан состанок на Советот за безбедност на ОН и изнесе голем број тврдења за кои наведе дека докажуваат оти видеото кое сугерира дека Русите го извршиле масакрот во Буча е „лага“.

– Тоа е јасна провокација во стилот на Гебелс, изјави тој.

– Сакам да ви презентирам вистински докази за Буча. Додека градот беше под контрола на руската армија, ниту еден жители не беше жртва на насилство. За тоа време жителите се движеа слободно. Тие користеа мобилни телефони па можеа да објават каква било слика или видео од некакво теоретско насилство ако имало таков случај. Но, тоа не се случи, истакна Небензја.