24.8 C
Скопје
21. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ВОЈНА ВО УКРАИНАТЕМАСВЕТИЗБОР

Русија бара да се укинат санкциите за да продолжи вселенската соработка

Шефот на руската вселенска агенција изјави дека обновувањето на нормалните односи меѓу партнерите на Меѓународната вселенска станица (МВС) и другите заеднички вселенски проекти ќе биде можно кога Западот ќе ги укине санкциите кон Москва.

Шефот на Роскосмос, Дмитриј Рогозин, на социјалните мрежи објави дека целта на санкциите е „да се убие руската економија и да се турне рускиот народ во очај и глад, да се фрли Русија на колена“.

Тој додаде дека „нема да успее во тоа, но намерите се јасни“.

„ Затоа верувам дека обновувањето на нормалните односи меѓу партнерите на Меѓународната вселенска станица (МВС) и другите проекти е можно само со целосно и безусловно укинување на незаконските санкции“, рече Рогозин.

Рогозин додаде дека предлозите на Роскосмос за прекин на соработката на ISS со вселенските агенции на САД, Канада, Европската унија и Јапонија наскоро ќе бидат доставени до руските власти.

Тој претходно изјави дека санкциите може да го уништат американско-руското партнерство на ISS.

Западот воведе опсежни санкции кон Русија поради започнувањето на инвазијата на Украина на 24 февруари, која Москва ја нарекува „специјална воена операција“.

И покрај тензиите, американскиот астронаут и двајцата руски космонаути безбедно слетаа во Казахстан во средата откако ја напуштија вселенската станица во истата капсула.

Европската вселенска агенција во март објави дека ја прекинува соработката со Роскосмос за мисијата ЕгзоМарс – испраќање ровер на Марс во потрага по знаци на живот на површината на Црвената планета.

Британската сателитска компанија OneWeb минатиот месец објави дека потпишала договор со SpaceX на Илон Муска за испраќање на своите сателити во орбитата, откако таа го откажа лансирањето на 36 сателити од рускиот космодром Бајконур во Казахстан на 4 март поради барања во последен момент.