3.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Uncategorized

Владата и јавниот сектор договорија да ја превенираат и спречуваат онлајн-радикализацијата

Имајќи предвид дека радикализацијата преку интернет e феномен кој е во постојан развој како на меѓународно ниво така и во нашата земја, Националниот комитет за спречување насилен екстремизам и борба против тероризмот веднаш ја препозна потребата и ја поддржа идејата за подготовка на ваков вид документ, предвиден во рамките на ИПА-проектот „Зајакнување на капацитетите за превенција/спречување на насилен екстремизам и борба против тероризмот”, финансиран од Европската Унија, информираат владините прес служби.

Додаваат дека денеска претставници на Владата, надлежни институции и јавниот сектор потпишаа меморандум за соработка во борбата против радикализација преку интернет.

Меморандумот го потпишаа националниот координатор за спречување насилен екстремизам и борба против тероризмот, Златко Апостолоски, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и заменик-министерот за одбрана, Башким Хасани, како и претставници на агенциите за национална безбедност, за разузнавање, за млади и спорт, на Македонската академска истражувачка мрежа, Комората на Република Северна Македонија за приватно обезбедување и компаниите „Македонски телеком“ и „А1 Македонија“.

Меморандумот предвидува соработка на потписниците во делот на преземање сите потребни мерки за ефикасна борба против феноменот на онлајн-радикализација и поттикнување пријавување јавни содржини со радикални елементи до надлежните органи.

На настанот, на кој се обратија повеќе говорници, владини претставници и претставници на ЕУ-делегацијата, беше изразена подготвеност за преземање мерки и активности преку превенирање, заштита, гонење и одговор на заканите од тероризам и терористичките активности.

Говорниците истакнаа дека меморандумот овозможува дополнителни можности за ефикасно и брзо детектирање, таргетирање и дејствување примарно во насока на превенцијата и во насока на конкретно спроведување на законот за сузбивање на радикализмот, кој форсира девијантно, односно незаконско дејствување.

Надлежните посочуваат дека профилот на потписниците покажува дека е постигнато одредено ниво на јавна свест и дека против овој феномен можеме да бележиме успеси, само доколку има заедничка соработка помеѓу државните институции и јавниот сектор.
Меморандумот за соработка во борбата против радикализација преку интернет како документ остава простор за понатамошно вклучување и на други фактори во борбата против радикализација на интернет-просторот во нашето општество.

Спонзорирано: