26.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТИЗБОР

Заклучоци на Европскиот совет: Русија ќе одговара за своите постапки

Европскиот совет остро ја осудува неиспровоцираната и неоправдана воена агресија на Руската Федерација против Украина.

Со своите незаконски воени дејства Русија грубо ги крши меѓународното право и принципите на Повелбата на ОН и ги поткопува европската и глобалната безбедност и стабилност.

Европскиот совет нагласува дека ова го вклучува правото на Украина да ја избере својата судбина.

Русија сноси целосна одговорност за овој чин на агресија и сето уништување и загуба на животи што ќе ги предизвика.

Таа ќе одговара за своите постапки.

Европскиот совет бара Русија веднаш да престане со воените дејства, безусловно да ги повлече сите сили и воена опрема од целата територија на Украина и целосно да ги почитува територијалниот интегритет, суверенитет и независноста на Украина во нејзините меѓународно признати граници.

Европскиот совет ги повикува Русија и вооружените формации поддржани од Русија да го почитуваат меѓународното хуманитарно право и да престанат со нивната кампања за дезинформации и сајбер-напади.
Европскиот совет изразува жалење за трагичната загуба на животи и човечки страдања предизвикани од руската агресија. Ние стоиме во солидарност со жените, мажите и децата, чии животи беа погодени од овој неоправдан напад. Ги повикуваме Русија и вооружените формации поддржани од Русија да обезбедат безбеден и непречен хуманитарен пристап и помош на сите оние на кои им е потребна.

Европскиот совет исто така силно ја осудува вмешаноста на Белорусија во оваа агресија против Украина и ја повикува да се воздржи од таква акција и да се придржува до нејзините меѓународни обврски.

ЕУ реагира бргу и решително на руското признавање на самопрогласените сепаратистички ентитети на Украина и распоредувањето на нејзините вооружени сили со усвојување рестриктивни мерки како одговор.

Европскиот совет денеска се согласува за дополнителни рестриктивни мерки, кои ќе наметнат огромни и тешки последици врз Русија за нејзините дејства, во тесна координација со нашите партнери и сојузници.

Овие санкции ги опфаќаат финансискиот, енергетскиот и транспортниот сектор, стоките со двојна употреба, како и контролата на извозот и финансирањето на извозот, визната политика, дополнителните списоци на руски поединци и новите критериуми за вклучување.

Советот без одлагање ќе ги усвои предлозите подготвени од Комисијата и високиот претставник.

Европскиот совет повикува на итна подготовка и усвојување натамошни пакет-индивидуални и економски санкции, во кој ќе биде вклучена и Белорусија.

Европскиот совет ја повторува својата непоколеблива поддршка за независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници.

Ги повикуваме сите земји да не ги признаваат двата самопрогласени сепаратистички ентитета и да не им помагаат на кој било начин.

ЕУ е обединета во својата солидарност со Украина и ќе продолжи да ги поддржува Украина и нејзиниот народ заедно со нејзините меѓународни партнери вклучувајќи дополнителна политичка, финансиска, хуманитарна и логистичка поддршка и меѓународна донаторска мрежа.

По одлуката на шефовите на држави или влади на ЕУ во декември 2016 година, Европскиот совет ги признава европските аспирации и европскиот избор на Украина, како што е наведено во Договорот за асоцијација.

Европскиот совет цврсто верува дека употребата на сила и принуда за промена на границите нема место во 21 век.

Тензиите и конфликтите треба да се решаваат исклучиво со дијалог и дипломатија. ЕУ ќе продолжи да соработува тесно со своите соседи и ја повторува својата непоколеблива поддршка и посветеност на суверенитетот и територијалниот интегритет на Грузија и Република Молдавија.

Ќе ја продолжи силната координација со партнерите и сојузниците во рамките на ОН, ОБСЕ, НАТО и Г7.

Европскиот совет повикува на континуирана работа и подготвеност на сите нивоа и ја повикува Комисијата особено да претстави итни мерки, вклучително и оние поврзани со енергетиката.

Европскиот совет ќе продолжи да се занимава со ова прашање.