Светската здравствена организација (СЗО) издаде условена препорака против употребата на „ремдесивир“ кај хоспитализирани ковид-пациенти, без оглед на сериозноста на болеста, бидејќи во моментот нема докази дека овој лек ги зголемува можностите за преживување на пациентите, се наведува на веб-страницата на оваа организација.
Препораката објавена денеска е дел од упатствата и протоколите за клиничка нега на заболени од Ковид-19. Таа е развиена од меѓународна експертска група, која вклучува 28 експерти за клиничка нега, 4 партнери пациенти и еден етичар.
Работата на овој проект почна на 15 октомври кога СЗО објави привремени резултати. Податоците разгледани од ова тело вклучуваат резултати од интерното испитување, како и 3 други контролирани испитувања. Вкупно во четирите студии биле разгледани податоци од над 7.000 пациенти.
Доказите не покажуваат некој значителен ефект врз смртноста, потребата од механичка вентилација, како и времето за клиничко закрепнување, велат од СЗО.