17.8 C
Скопје
4. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КОРОНАВИРУСТЕМАМАКЕДОНИЈА

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче да поднесе оставка поради лошото менаџирање за време на пандемијата

„Сè повеќе е јасно дека министерот за здравство, Венко Филипче, и Комисијата за заразни болести не знаат во кој правец се движи Република Македонија во однос на пандемијата, која деновиве сè повеќе зеде замав и бележи огромен пораст на новозаболени“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Според партијата, на почетокот на пандемијата Венко Филипче прогнозира бројка што одамна е надмината и веќе државата е влезена во огромен здравствен колапс. За лошата ситуација во јавното здравство, говори фактот што веќе неколку инфектолози и медицински сестри ги напуштија работните места во јавното здравство и заминаа да работат во приватни болници поради тоа што веќе долг период се соочуваат со реален проблем, кој министерот Филипче упорно вели дека не постои, а тоа се лошите услови за работа и недоволната заштита, која е неопходна во време на ваква пандемија.

„Венко Филипче преку смирени прес-конференции се обидуваше долг период да ги манипулира граѓаните и преку популистички мерки да ги уверува дека ситуацијата е стабилна за денес да бидеме сведоци на речиси 20.100 вкупно заболени изминатите месеци и, за жал, речиси 800 смртни случаи. Ова се податоци кои нималку не даваат надеж ниту, пак, се показател дека ситуацијата е под контрола и дека Венко Филипче знае што прави. Инаку, денеска повторно бележиме висок процент на новозаболени. Вкупно биле направени 778 теста, од кои 177 позитивни.

За ваквото лошо менаџирање со јавното здравство во ваква пандемија, некој треба да сноси одговорност. Изгубени се многу човечки животи, а за жал, бројките на новозаболени изминатите неколку дена се движат околу 400 во само 24 часа и ветуваат подобра слика во наредниот период. Чесно е да се признаат грешките и за нив да се сноси одговорност, а доколку министерот Филипче смета дека не ја организира работата како што треба, коректно е да поднесе оставка и да побара помош од здравствени работници кои имаат идеја како понатаму, сè со цел намалување на бројките, кои секојдневно ја брануваат јавноста и ги држат во неизвесност луѓето, кои поради немањето визија на одговорните, трпат за леб и не знаат до кога ќе трае здравствената, а со тоа и економската криза.Македонските граѓани не смеат да бидат оставени на цедило поради личните суети на Филипче и членовите на Комисијата за заразни болести“, се вели во соопштението.

Спонзорирано: