23.8 C
Скопје
8. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Стапија на сила контроверзните измени на рускиот Устав

Промените во рускиот устав, вклучително и амандманот што ќе му овозможи на претседателот Владимир Путин да управува со земјата до 2036 година, стапија на сила денеска, откако беа потпишани лично од Путин.

Гласачите со големо мнозинство ги поддржаа уставните измени на гласањето кое заврши во средата. Скоро 78 проценти од гласачите кои учествуваа на референдумот ги поддржаа промените.

Официјален Кремљ резултатот го нарече триумф, додека критичарите го сметаат референдумот за нелегален и нелегитимен. Независните набљувачки мисии оценија дека гласањето во најголем дел било обележано со неправилности.

Организацијата за европска безбедност и соработка не беше набљудувач на референдумот, како што инаку е практика на изборите во Русија.

Европската унија побара од Русија да ги испита тврдењата за нерегуларности во гласањето, вклучително и обвинувања за повеќекратно гласање и принуда.

Покрај тоа што измените во Уставот му овозможуваат на Путин уште два мандата, до 2036 година, доколку тој се кандидира и победи на изборите, со нив исто така сите поранешни руски претседатели добиваат имунитет од судско гонење.

Исто така, според новиот Устав, бракот ќе се дефинира како заедница на маж и жена, рускиот јазик исто така станува уставна категорија, а во текстот се споменува и вербата на Русите во Бога, но земјата и натаму ќе остане секуларна држава.

Забрането е и руска територија да се отстапува на други земји, одредба која аналитичарите ја поврзуваат со анексијата на Крим.