22.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КОРОНАВИРУСМАКЕДОНИЈАИЗБОР

СДСМ: Владините мерки обезбедуваат помош за 250.000 работници и 35.000 компании

Коронавирусот комплетно го промени начинот на кој фунцкионира светот и никој не е поштеден. И нашата земја како дел од глобалната криза што го зафати светот, покрај здравствените, се соочува и со економски предизвици. Владата донесе втор сет економски мерки, вреден 200 милиони евра, кој има јасна цел – да се ублажи економскиот удар од коронавирусот и да им се помогне на граѓаните, на работниците, на компаниите, на сите на кои им е загрозена финансиската состојба, соопшти СДСМ.

Според партијата, со цел да се зачуваат што повеќе работни места, Владата предводена од СДСМ обезбедува директна помош во исплата на месечен приход – плата за април и мај, при што опфатени се речиси 250.000 работници и приближно 35.000 компании, кои имаат директна штета од коронавирусот.

Истовремено, Владата донесе и одлука за забрана за нови вработувања и нови ангажирања во јавниот сектор. Донесена е и одлука сите средства од заштеда од непродуктивните трошоци да се пренаменат за справување со здравствено-економската криза. За спортските работници вработени во спортските здруженија, како и за самостојните уметници, обезбедена е минимална плата од 14.500 денари за април и мај, како и придонеси преку Министерството за култура. Граѓаните што останале без работа, ќе земаат 50 отсто од просечната плата што ја имале кога биле вработени. А лицата од неформалната економија, кои останале без приходи, се обезбедуваат со по 7.000 денари помош од државата за април и мај. Со оваа мерка ќе бидат опфатени 20.000 нови домаќинства, кои веднаш ќе влезат во системот на социјална заштита, како и 30.000 веќе постојни корисници.

„Ова е тежок период за сите нас, но само заедно, сплотени и солидарни, можеме да ја победиме оваа криза. За таа цел се формира и солидарен фонд за помагање на здравјето на граѓаните и други социјални потреби на граѓаните. СДСМ покажа како преку исправни политики, истрајност и посветеност се рушат сите бариери и се постигнуваат зацртаните цели. Затоа, веруваме дека сите заедно и овој пат ќе успееме да се избориме и со здравствената и со економската криза“, се вели во соопштението.