3.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МОЗАИК

Автор на книга за криминал обвинет за перење пари

Професор по меѓународни односи од Флорида и коавтор на книга за организиран криминал е уапсен под федерално обвинение дека перел пари од корупција во Венецуела.

Брус Бегли (73) е обвинет за измама за перење пари кои произлегуваат од криминални активности и се соочува со казна затвор до 20 години.

Неговиот адвокат изјави дека е убеден оти Бегли ќе биде ослободен.

Бегли е коавтор на книгата „Трговија со дрога, организиран криминал и денешното насилство во Америка“, објавена во 2015 година, а има сведочено и пред американскиот конгрес, додека како судски експерт давал изјави и за многу медиуми.

Шефот на канцеларијата на ФБИ во Њујорк, Вилијам Свини, изјави дека Бегли заработувал помагајќи им на други да перат нелегални пари.

„Единствената лекција што може да се научи од професорот Бегли денес е дека вмешаноста во корупција, мито и проневера води до обвинение“, додаде Свини.

Обвинителот Џефри Берман рече дека Бегли отворил банкарски сметки со единствена цел да пере пари на корумпирани странци.

„Парите што Бегли наводно ги процесирал биле заработени преку мито и корупција, украдени од венецуелските граѓани“, вели Берман.

Во обвинението се тврди дека Бегли од ноември 2017 до април годинава се согласил да прими околу 14 исплати од сметки во Швајцарија и Обединетите Арапски Емирати, во вкупна вредност од околу 3 милиони долари.

Како што е наведено, професорот префрлил голем дел од парите на сметки на други заговорници за да ја прикрие природата и изворот на парите. За себе си зел провизија од 10 отсто./Makfax

Спонзорирано: