14.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Училиштата во Њу Делхи затворени поради загаденост на воздухот

Училиштата во индиската престолнина ќе бидат затворени до 5 ноември, соопштија денеска градските власти, додека жителите на Њу Делхи веќе трет ден го дишат најлошиот воздух во сезоната.

Градскиот министер Арвинд Кеџравал нареди затворање на училиштата поради пожари од фарми во соседните земји од кои доаѓаат големи количини чад во главниот град, напиша министерот на својот твитер-профил.

Претходно денес, комисијата за животна средина, назначена од владата, го прогласи загадувањето на воздухот во Делхи како здравствена вонредна состојба, се вели во извештајот на партнерот на „Ројтерс“, АНИ, кој цитираше изјава од Агенцијата за контрола на загадување на животната средина.

„Ова е вонредна состојба затоа што загадувањето на воздухот сега е опасно и ќе има штетни ефекти врз здравјето, особено на децата“, се вели во соопштението.

Индексите на владата кои го следат загадувањето на воздухот достигнаа 500 во неколку делови од главниот град, што е рекорд забележан од владиниот Централен одбор за контрола на загадувањето.

Индексот ги мери ПМ 2,5 нивоата, ситни честички кои одат длабоко во белите дробови.

Нивоа над 400 укажуваат на тешки состојби кои претставуваат ризик за лицата со здрави бели дробови, како и за лицата со респираторни заболувања.

Владата ќе го ограничи и бројот на приватни возила во градот од следната недела според системот на парни и непарни регистарски таблички./Makfax