Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Демократски сојуз бара разговори со политичките лидери за промените во изборниот законик

Претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, денеска, до лидерите на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, Зоран Заев, Христијан Мицкоски, Али Ахмети, како и до лидерите на други политички партии, упати иницијатива за одржување на средби на кои ќе се разговара за потребата од измени на Изборниот законик.

„Во барањето за средби со лидерите на партиите се нагласува дека, неодамна Демократскиот сојуз до Собранието на Република Северна Македонија достави иницијатива за измена на Изборниот законик, со кој се предлага наместо шест, Македонија да биде една изборна единица, при што и натаму да остане пропорционалниот изборен модел без изборен праг“, велат од партијата.

Демократскиот сојуз смета дека со овие промени Парламентот ќе биде реален одраз на определбата на граѓаните, ќе јакне одговорноста на извршната и другите власти, за круцијалните државни и прашања од интерес на граѓаните ќе се носат одлуки со сериозна дебата во Парламентот, ќе се создадат услови за владеење на правото, ефикасна борба против криминалот и основни предуслови за економски развој.

Со овие измени, велат од ДС, како и со промените на начинот на финансирање на партиите, медиумската кампања и други клучни промени, ќе се создадат услови за еднакви шанси на сите партии, што е од интерес на граѓаните./Makfax

Спонзорирано: