Секогаш во средиштето на збиднувањата...

Случајот “рекет” несмасна мафијашка местенка, во која самата мафија се намести, а власта има шанса да зграби поени како никогаш до сега – Отворен е патот за немилосрдна и безпоштедна битка против криминалот во секоја пора

Што открива случајот Рекет? Оваа афера ни откри дека во Македонија има безпоштедна битка против криминалот и дека осомничените и актерите во случајот одат зад решетки.

Случајот “Рекет” од една страна покажува дека правната држава функционира и дека Јавното обвинителство си ја брка својата работа согласно своите Законски надлежности. Нормално е Основното Јавно Обвинителство да не ги споделува сите информации во текот на истрагата, со оглед дека и најмала работа која би ја соопштиле во погрешен момент би можело да наштети на целиот процес.

Од друга страна самото пријавување на аферата од страна на премиерот Зоран Заев, уште неколку месеци пред да ескалира во јавноста, ја покажува безкомпромисноста на Владата на Зоран Заев против криминалот, за идејата за правна држава и еднакво важење на законите за сите, без разлика дали се работи за луѓе кои се блиски до власта или опозицијата, или пак се дел од овие две спротиставени страни.

Случајот “Рекет”, од трета страна, на сите нас ни покажа и дека уредник на интернет портал може да отвори афера и да ја тера на свој начин, согласно своите убедувања. Слободата во медиумскиот простор ја имаме како никогаш досега, знаејќи дека дури 80 отсто од интернет медиумите се под директна контрола на опозицијата и како никогаш досега слободно објавуваат се’ што ќе им текне, со оглед дека во демократско општество секој има право на свое мислење макар тоа било вистина, лага или чиста глупост. Да се потсетиме дека до пред неколку години за објавен текст новинари одеа во затвор, беа малтретирани по судови или беа етикетирани и лепени на табли среде студија на национални телевизии.

Случајот “Рекет” покрај тоа што засега позитивно го поминува тестот за правна држава, одлично го помина и тестот за слободното известување во медиумите. Токму ваков тест и’ беше потребен на Македонија за да се погледне колку работите се изменети и подобрени во однос на периодот до пред три години, кога режимот местеше судски предмети за неистомислениците. Некои ги стави во затвор – добро се сеќаваме и со свои очи гледавме, а потоа и од зад сцената слушнавме за пиштењето и вриштењето, на апсењето на Љубе, рушењето на Космос, убиството на Мартин Нешкоски и затворањето на А1 и трите дневни весника кога режимот си го покажа лицето.

 

Рекет е класична несмасна местенка на мафијашките структури кои беа изиграни и наместени од поголеми надворешни играчи и анти-западни сили со цел да се отежне или спречи влезот на Македонија во НАТО

До конечното пристапување на Македонија кон НАТО веројатно ќе бидеме сведоци на разни местенки и чудни моменти кои не сме ги виделе во минатото, креирани и директно поддржани од надворешни структури чиј единствен таргет е членството во НАТО преку девалвација на прозападната Влада која ја води Македонија, потоа се’ ќе стане тивко. Сето тоа го видовме и во Црна Гора кога ситуацијата ескалираше и се случија толку чудни настани што не можеше обичен човек да си ги замисли, за среќа сето тоа беше осуетено и помина неуспешно.

Несмасната местенка која ја приготвија внатрешните структури во земјава (најверојатно сега се чувствуваат тотално искористени и ефтини) кои се осомничени во разни предмети на СЈО и ОЈО за кои знаеме, но можеби има и некои работи кои што не се споделени со јавноста, па така снимките објавени од про-десничкарскиот италијански весник кој јавно ги сатанизира Германија, САД, НАТО и ЕУ, дополнително им ја влошија позицијата на осомничените со тоа што слушнавме наводно со која леснотија се купувала слободата и за други случаи.

Овој тек на настаните не само што им ја влоши позицијата на осомничените во случајот “Империја”, туку буквално им дава неверојатна сила и една поинаква појачана енергија на Органите на правдата да го решат секој оној кој се дрзнал за криминал, бидејќи кога – ако не сега? Ова е вистински момент за една безпоштедна, безкопмромисна и немилосрдна борба кон криминалот во земјава.

Оваа Власт ја има единствената шанса и вистинската можност за конечна пресметка со секој што се огрешил од Законот, без разлика на неговата партиска, етничка, верска, социјална или било каква друга припадност.

Овој случај колку и лошо да изгледа сега, може да ја врати довербата во институциите само доколку тие функционираат и да биде историска пресвртница со која ќе и’ биде ставена точка на транзицијата и еден нов почеток. Обнова на Македонија.

Време е за акција!