10.8 C
Скопје
7. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Дански десничар сака да ги избрка сите муслимани од земјата

Данскиот адвокат Расмус Палудан, кој многупати досега бил обвинет за расизам, нацистички коментари и палење на Коранот, има шанси да стане пратеник откако неговата екстремно десничарска партија стекна популарност пред општите избори на 5-ти јуни.

Неговото политичко движење „Страм Курш“, кое се нарекува себеси партија за „етнички Данци“, сака да го забрани исламот и да ги депортира сите муслимани од Данска, пишува „Еуроњуз“.

Според една неодамнешна анкета, неговата партија се очекува да освои околу 2,3 отсто од гласовите, што би било доволно за да влезе во парламентот.

„Единствената агенда на партијата е да биде исклучително строга кон бегалците, имигрантите и особено муслиманите, а тоа привлекува мала група гласачи кои сметаат дека анти-имиграциските политики секогаш можат да станат построги и радикални“, вели специјалистот за избори и професор по политички науки на Универзитетот во Копенхаген, Каспер Мелер Хансен.

Откако ја основал својата партија во јули 2017 година, Палудан се стекна го голем број следбеници на социјални платформи, но во последниве неколку месеци тој премина од виртуелна слава меѓу тинејџерите до обезбедување кандидатура за избори со собирање на потребните 20.000 дигитални потписи од гласачите.

Во април, еден дански суд го прогласи Палудан за виновен за расизам откако тврдеше дека луѓето од Африка се помалку интелигентни.

Во декември минатата година, Палудан рече во едно свое видео: „Непријателот е исламот и муслиманите. Најдобро би било ако немаше ниту еден муслиман на земјата. Тогаш, ќе ја постигнеме нашата крајна цел“.

Во април, Палудан протестираше во етнички разновидната област Норебре во Копенхаген, каде што живеат голем број муслимани. Тоа предизвика насилни реакции и немири кои се проширија на неколку делови од главниот град.

Премиерот на Данска напиша на „Твитер“ дека ги отфрла бесмислените провокации на Палудан, кои немаат никаква друга цел освен да предизвикаат разединетост и порача дека на истите треба да се одговори со аргументи, а не со насилство.

Многу медиуми беа критикувани поради тоа што му отстапуваат простор на Палудан да ја промовира својата агенда.

Опозициската социјал-демократска партија се очекува да победи на изборите, откако тие прифатија построга миграциона политика, придобивајќи ги на тој начин гласовите на анти-имиграционите гласачи.