6.8 C
Скопје
28. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Криминална група фатена со 60 килограми стаклена јагула вредна 120 илјади евра

Полицијата открила меѓународна криминална група, од која дел е и цариник од Деве Баир, која се обидела да шверцува поголема количина стаклена јагула, која е редок подмладок на јагулите и претставува загрозен вид во Европа.

СВР Куманово до надлежното Јавно обвинителство поднесе кривична пријава против Л.Х. (44) од Народна Република Кина, со живеалиште во Шпанија, В.В.М. (54) од Бугарија, Ј.П. (38) од НР Кина, со живеалиште во Софија, против С.П.(41) од село Режановце, Кумановско, и против И.А. (44) од Крива Паланка, вработен во Царинската управа на граничниот премин Деве Баир, поради сомнение за шверцување и злосторничко здружување.

„Л.Х. формирал криминална група за шверцување недозволени стоки и противправно набавил поголема количина стаклена јагула. Tранспортот на стаклената јагула требало да се изврши на релација Софија-„Меѓународен аеродром Скопје“ до Куала Лумпур, Малезија, каде што како купувач се појавува лице со иницијали С.Н. од Малезија.

Л.Х. набавил 60 килограми подмладок од стаклената јагула во вредност од 90.000 до 120.000 евра спакувана во 42 најлонски кеси со компресирен кислород, кои ги сместиле во седум големи патни торби. J.П. набавил парични средства во кеш во износ од 10.000 евра во противредност на бугарски левови по што на 3.4.2019 година Л.Х., В.В.М. и Ј.П. ги натовариле патните торби со стаклена јагула во комбе „мерцедес“ со бугарска национална ознака. Кога му обезбедиле авионски билет за патување за В.В.М. на релација Скопје-Истанбул-Куала Лумпур, заминале за Скопје. На граничниот премин Деве Баир ги чекал С.П., кој имал задача да обезбеди непречин премин при царинска контрола на македонска страна. По пристигнување на царинската контрола кај И.А., тој без задржување ги пуштил да го напуштат граничниот премин без царинска контрола на багажот.
Подоцна, на магистралниот пат Деве Баир-Крива Паланка-Куманово нивното возило било запрено од полициската патрола. При прегледот на возилото биле пронајдени седумте куфери со стаклена јагула по што лицата биле приведени во СВР Куманово“, соопшти полицијата.

Спонзорирано: