3.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Промовирана Националната студија за безбедност и здравје при работа

Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР) денеска ја промовираше Националната студија за безбедност и здравје при работа. Актуелната состојба во оваа сфера, бројот и видот на повреди и несреќи на работните места во Македонија, конкретни препораки за подобрување на состојбите, како и примена на законодавството и праксата на Европската Унија во оваа област беа само дел од излагањата и дебатата за време на настанот.

Автор на Студијата е м-р Трајче Велковски од Машинскиот факултет при УКИМ, а ко-автори се Проф. д-р Јасмина Чалоска – професорка на Машинскиот факултет при УКИМ и м-р Милан Петковски – претседател на МЗЗПР. Студијата за Македонија е изработена во рамките на регионалниот проект за унапредување на безбедноста и здравјето при работа преку јакнење на професионалните граѓански организации – „BALcanOSH.net“, а проект е поддржан од страна на Европската Унија.

Долгогодишната соработка на Машинскиот факултет во Скопје со МЗЗПР во делот на образување на дипломирани инженери за заштита при работа, стручни лица за безбедност при работа и профилирање на магистранти за БЗР, продолжува и во научно-истражувачка дејност, истакна на самиот почеток професорката Јасмина Чалоска и додаде дека успешната соработка се заокружува со денешната промоција на Националната студија за безбедност и здравје при работа.

„Се постави прашањето колку е нашето законодавство во делот на безбедноста и здравје при работа хармонизирано со законодавството на ЕУ, односно дали кореспондира со европската директива 89/391. Заклучивме дека законодавството е усогласено, но останува клучното прашање што правиме со имплементацијата“, истакна професорката Чалоска.

Претседателот на МЗЗПР, Милан Петковски посочи дека целта на изработените национални студии не е само да се согледаат, туку и да се детектираат и надминат сите слаби точки во областа на безбедноста и здравјето при работа.

„Факт е дека во Македонија се гине на работното место. Македонското здружение за заштита при работа секоја година објавува извештаи и податоци за оваа сфера. И оттука произлезе поводот за изработка на ваквите национални студии. Ние се стремиме во соработка со сите надлежни институции и засегнати страни да соработуваме и да почнеме целосно да ги надминуваме недостатоците во делот на БЗР“, изјави м-р Милан Петковски, претседател на МЗЗПР во своето излагање на промоцијата на Студијата.

Петковски посочи дека вакви национални студии, покрај за Македонија, се изработени и за Албанија, Црна Гора, Косово и Србија.

„Како организација, со поддршка на ЕУ, правиме пионерски чекори во областа на безбедноста и здравјето при работа во Македонија и регионот. Нашите проекти, покрај за подигање на капацитети на професионалните организации, им користат и на потенцијалните инвеститори кои сакаат да отпочнат нов бизнис во нашите земји. Тие можат да се запознаат со целата законодавна рамка во сферата на БЗР. Националните студии би ги нарекол и значајно дело кое дополнително им помага на работниците да работат во достојни работни услови, но и на работодавачите и инвеститорите да согледаат од прва рака што треба да направат и дополнително да вложат за да изградат успешна компанија која ги исполнува сите стандарди во работењето и заштита на работниците“, рече Петковски во своето воведно излагање.

Голем број од странските инвестиции кои работат во Македонија најпрво побараа состанок на нашиот факултет и токму оттука почнува интересот за нивните инвестиции, истакна м-р Трајче Велковски и додаде дека инвеститорите се интересирале дали во земјата го има човечкиот потенцијал и квалитетен кадар кој што ги задоволува нивните потреби, но и кои се националните прописи и нормативи кои треба да ги задоволат во сферата на БЗР.

„Усогласувањето и доработката на Законот за безбедност и здравје при работа е континуиран процес. Би дал пример за позитивна пракса и тоа од земја од регионот, Хрватска, каде се формираат одбори за БЗР и тоа е обврска на секој работодавач кој има над 50 вработени. Хрватските експерти кои споделија искуства со нас посочуваат дека тамошното решение предвидува после секоја посериозна повреда во рок од 2 работни дена да се состане одборот за БЗР и да направи конкретна анализа со препораки. Очекуваме дека со најновите измени на македонскиот закон ваква или слична одредба ќе се примени и во Македонија.“, истакна Велковски.

Тој ја поздрави континуираната успешна соработка со МЗЗПР, а за поголема ефикасност во регулирањето на БЗР во земјава ја посочи потребата од единствен систем за прибирање на податоците за несреќи и повреди при работа.
„Би сакал како заклучок од оваа Национална студија да извлечам дека евиденцијата на БЗР е потребно да се врши со унифициран информатички систем, усогласен со европската статистика за повреди и несреќи при работа. Исто така, неопходно е систематско решение преку вклучување и поголемо влијание на граѓанските организации во носењето и имплементацијата на БЗР законодавството. Граѓанските организации кои се бават со оваа проблематика се присутни на теренот, одлично ја познаваат материјата, па затоа е неопходно нивно целосно инволвирање во овој процес“, рече м-р Велковски.

Покрај за Македонија, национални студии за безбедност и здравје при работа ќе бидат презентирани и за следните земји: Албанија, Црна Гора, Косово и Србија. Студиите се изработени во рамките на проектот „Зголемување на капацитетите и зајакнување на улогата на регионалните граѓански организации за подобрување на работните услови и дијалог со државни институции“ кој е финансиран од страна на Европската Унија (ЕУ).

Спонзорирано: