8.8 C
Скопје
5. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

На 8 март прва пресуда за Сашо Мијалков

Ексдиректорот на тајната полиција, Сашо Мијалков, на 8 март во 12.30 часот ќе ја чуе првата пресуда за предмет на СЈО, во случајот „Титаник 2“. На денешното рочиште беа изнесени завршните зборови на обвинетата Анета Стефановска и на Сашо Мијалков.

Љупчо Шврговски, еден од четворицата адвокати на Сашо Мијалков, рече дека СЈО не докажало вина на неговиот клиент за обвинението, кое, како што рече, се потпира само на еден аудиоразговор. Се повика и на начелното правно мислење на Врховниот суд дека СЈО е неовластен тужител по рокот определен со законот. Тој рече дека ДИК е колективен орган и одлуките ги донесува со мнозинство. „Отсуствува штетата од пет просечни плати“, кажа Шврговски.

Ова ќе биде прва пресуда од четирите активни обвиненија за Мијалков. Тој е обвинет во случаите: „Таргет-Тврдина“, „Тортура“, „Трезор“, а осомничен е во истрагата за „Империја“. Ако судот донесе осудителна пресуда, казната затвор за Мијалков предвидена во Кривичниот законик е од една до пет години.

Првото рочиште за овој предмет се одржа на 24 април 2018 година. Во „Титаник 2“, за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувањето, обвинети се лидерот на ДПА, Мендух Тачи, и поранешните членови на ДИК: Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев. Ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет за кривичното дело примање награда за противзаконито влијание.

Според обвинението на СЈО, Мијалков и Тачи се испазариле и успеале незаконски да биде поништено гласањето на локалните избори во Струмица во 2013 година. Во предметот беа обвинети и 5 управни судии, но Апелациониот суд ги спаси од кривичен прогон.

Спонзорирано: