5.8 C
Скопје
27. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото Pixabay / илустрација
БИЗНИС

Компаниите очекуваат новиот Закон за јавни набавки да им ги надмине досегашните потешкотии

Проектот на УСАИД „Партнерство за подобра бизнис=регулатива“ денеска одржа инфо-сесија на тема: „Можности за доуредување на новиот Закон за јавни набавки и прашања од интерес на компаниите“.

Како што иформираат од таму, ваквата сесија отворила дебата за подобрување на регулативата за јавни набавки преку презентирање на клучните новини на законското решение, како и можностите за негово дополнување со подзаконски акти.

„Во фокусот на новините на законот се напуштањето на концептот најниска цена и електронска аукција, објавувањето на плановите за јавни набавки, како и можноста за директни плаќања на подизведувачите, и беше поставено прашањето дали тие ќе бидат доволни за надминување на досегашните проблеми“, се наведува во соопштението на УСАИД.

Јадранка Аризанковска од Стопанската комора на Македонија на инфо-сесијата нагласи дека за поздравување е одредбата со која се предвидува дека електронските аукции не се користат кај јавните набавки на интелектуалните услуги.

„Се прифатија и барањата на бизнис-заедницата за промена на начинот на пресметување на роковите за жалба, а барањето да се исклучи набавката на услуги преку електронскиот пазар и истиот да се применува само за набавка на стоки и услуги е делумно прифатено на начин што преку електронскиот пазар договорниот орган може да врши набавки на стандардни стоки и услуги“, изјави Аризанковска.

Во соопштението се наведува дека со одложување на примената на електронскиот пазар до 1 јули 2020 година има доволен простор да се воспостави дијалог меѓу приватниот и јавниот сектор во процесот на донесување на подзаконските акти.

Од УСАИД нагласуваат дека бизнис-секторот ќе продолжи активно да работи во насока на подготовка на компаниите за правилна имплементација на Законот за јавни набавки, која започнува од 1 април 2019 година, а со кој се очекува намалување на можноста за евентуални злоупотреби и обезбедување конкуренција помеѓу компаниите, како и нивен еднаков третман.