14.8 C
Скопје
3. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Полицијата не ги спроведе Јанакиески и Пепиќ од куќен притвор, одложено рочиштето за „Титаник“

Обвинетите за изборните нерегуларности, Миле Јанакиески и Мунир Пепиќ, не беа спроведени од куќен притвор, што беше причина за одложување на денешното рочиште за предметот „Титаник“.

Покрај Јанакиески и Пепиќ, на судењето не се појави ни обвинетиот Едмонд Темелко за кој неговиот адвокат рече дека е хоспитализиран, односно дека се наоѓа на болничко лекување од седми овој месец.

Судечкиот совет првично наредното рочиште го закажа на 20 февруари, но на оваа одлука реагира преатеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, кој истакна дека на овој датум нема да биде во државата поради службено патување во својство на шеф на делегација на македонското Собрание во НАТО.

На ова барање на Димовски рочиштето да не се одржи на 20 февруари остро реагира обвинителката од СЈО, Лиле Стефанова, која посочи дека судот не треба повеќе да ги зема предвид службените патувања на Димовски бидејќи ова е вторпат како се одложува рочиште по негово барање.

„Илија Димовски како пратеник во Собранието на РМ ги знае своите обврски, а и однапред го има распоредот за закажаните рочишта во суд. Ова се случува вторпат, во иднина треба да внимава на службените патувања -кои треба да ги прифати, а кои не, со оглед на тоа дека ова е второ барање за одлагање судење со иста причина. Доколку понатаму во преден план се ставаат патувањата пред рочиштето, ќе го сметаме за намерно одлагање на расправата. Судењето не треба да трпи поради патувањата на Димовски“, ијзави Стефанова.

Судечкиот совет следното рочиште за „Титаник“ го закажа за 27 февруари.

Во „Титаник“ се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство во Унгарија, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска-Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.

(Makfax)

Спонзорирано: