Секогаш во средиштето на збиднувањата...

Шпанските власти подготвени за судењето на каталонските сепаратисти

фото Pixabay

Шпанија се подготвува за најчувствителниот судски процес во последните неколку децении, во кој десетина каталонски сепаратисти се соочуваат со различни обвиненија, вклучувајќи ги и оние за бунт за време на неуспешниот обид за отцепување кон крајот на 2017 година.

Судењето, кое започнува денес, ќе биде емитувано во живо на телевизија, а сите очи ќе бидат фокусирани на непристрасноста на шпанскиот Врховен суд.

Каталонските сепаратисти, уште пред судењето го доведоа во прашање кредибилитетот на судот, тврдејќи дека тој е марионета во рацете на шпанската влада и дека пресудата ќе биде политички мотивирана, односно e веќе однапред одредена.

Ваквите обвинувања беа отфрлени од претседателот на Врховниот суд, Карлос Лесмес, кој рече дека овој процес е најважен од преминувањето на Шпанија кон демократија во 1977 година, по смртта на диктаторот, Франциско Франко.

Во Каталонија на 1 октомври 2017 година се одржа референдум за независност и покрај забраната што ја наметна Уставниот суд, а на 27 октомври беше прогласена независност и покрај предупредувањата на шпанската влада.

Кризата продолжи по изборите кои се одржаа на 21 декември истата година во таа шпанска провинција, при што се покажа поделеноста на каталонското општество по прашањето за независност.

Се очекува судењето да трае најмалку три месеци, а одлуката да се донесе уште неколку месеци потоа. (Makfax)