11.8 C
Скопје
8. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Скопјани принудувале малолетничка на проституција

Обвинителството отвори истражна постапка за трговија со дете кога било пријавено дека двајца скопјани принудувале 16-годишно девојче да врши полови дејства со непознати лица, а за тоа добивале пари. Осомничените се на возраст од 20 и 23 години.

„Исплатените пари за услугите што ги давала оштетената ги земале осомничените, а за возврат ѝ обезбедувале престојувалиште и ѝ набавувале опојни дроги“, велат од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

Постапувајќи по кривичните пријави поднесени од страна на Министерството за внатрешни работи, јавниот обвинител издаде наредби за судско-медицинско и невропсихијатриско вештачење на оштетената малолетничка.

„Ценејќи дека се исполнети законските услови, обвинителот до судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 Скопје доставил предлог за определување мерка притвор. Ваквиот предлог судот го прифати, па со решение на двајца осомничени им определи притвор во траење од 30 дена“, додаваат од Обвинителството.

Случајот го потврди и Министерството за внатрешни работи.

„По добиената информација, Министерството за труд и социјална политика во координација со МВР ги презеде сите неопходни мерки за заштита и психосоцијална поддршка на малолетната жртва на трговија со луѓе. На девојката ѝ се направени сите потребни лекарски прегледи и во моментот е сместенa во соодветна институција“, велат од МВР.