8.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

„Службен весник“: Моравме да го објавиме Законот за јазиците

Јавното претпријатие „Службен весник“ извести дека го објави Законот за јазиците, а смета дека тоа е во согласност со Уставот и законите иако претседателот Ѓорге Иванов не стави потпис на законот. Од „Службен весник“ се повикуваат на член 52, став 2 од Уставот, кој вели: „Законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок, што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето“.

„Во согласно со тоа, а во врска со член 51, став 2 од Уставот на Република Македонија, во кој се вели ‘Секој е должен да ги почитува Уставот и законите’ и оваа институција, која е со закон овластена да ги објавува прописите во РМ, своето работење секогаш го остварува во рамките на Уставот и законите и само ја исполнува уставната обврска“, се вели во соопштението на ЈП „Службен весник“.

За објавувањето на Законот за јазиците без потпис на претседателот Иванов, реагира ВМРО-ДПМНЕ, од каде што велат дека директорот Мартин Костовски направил кривично дело што не застарува и за тоа се оди во затвор. Од „Службен весник“, пак, велат дека за секој обид за нарушување на угледот на Јавното претпријатие „Службен весник“ ќе биде поведена соодветна судска постапка.

Џафери законот го чуваше во фиока повеќе од десет месеци бидејќи претседателот Иванов одбиваше да го потпише и по второто гласање кое беше во март минатата година.

Заедно со Законот за јазиците, Џафери до „Службен весник“ го испратил и Законот за ратификација на договорот со Грција , кој исто така не беше потпишан од претседателот Иванов. Двата документа се објавени во новиот број на „Службен весник“.

Со ова, покрај македонскиот, во институциите службен јазик станува и албанскиот јазик, што ќе се применува во комуникацијата, употребата и примената во сите постапки на граѓаните пред сите органи што ја сочинуваат државната власт. Законот ги обврзува судовите, јавните обвинителства, како и сите други органи, тела и други институции да овозможат користење, употреба и примена на кој било од службените јазици и нивните писма во своите постапки.