5.8 C
Скопје
27. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

Поднесено обвинение против поранешниот градоначалник на Неготино

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кавадарци денеска до Основниот суд во Неготино поднесе обвинителен предлог против поранешниот градоначалник на Неготино, Ванчо Апостолов, со кој го товари за сторено кривично дело„злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353 став 2 во врска со став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик.

Обвинителството, како што посочија оттаму, утврдило дека обвинетиот во временскиот период од 2014 до 2017 година, во повеќе наврати, како тогашен градоначалник на општина Неготино ги пречекорил службените овластувања со намера за вработени во општината, четворица државни службеници, да прибави поголема имотна корист во вкупен износ од 694.583 денари.

„Обвинетиот постапил спротивно на одредбите од Законот за работни односи, Законот за државни службеници, Законот за административни службеници и Колективниот договор за државните, правосудните и органите на локалната самоуправа на Република Македонија каде е предвидено дека прекувремената работа може да трае најмногу 8 часа во текот на една недела и најмногу 190 часа годишно, при што додатокот за плата за прекувремена работа да биде во износ од 35 проценти од износот на основната плата пресметана по час“, велат од обвинителството.

Ексградоначалникот на Неготино го извршил кривичното дело и нанел штета на буџетот на општината, со тоа што потпишал на вработените во Општината да им биде исплатено повеќе од 190 часа годишно прекувремена работа, и тоа по 40 проценти за час, без да постои поединечно решение и извештај за прекувремената работа, ниту уредно архивско заверување, велат од обвинителството.​

(Makfax)