7.8 C
Скопје
27. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

МВР излезе со жесток демант за дезинформациите поврзани со пасошите на кои пишува “Република Македонија”

Министерството за внатрешни работи најостро ги демантира дезинформациите за наводни неправилности при набавка на бланко обрасци за патните исправи. Вистината е дека Министерството за внатрешни работи ги презема сите неопходни мерки за да се обезбеди непречено издавање на патни исправи на граѓаните, а политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, како и многу пати до сега, ја лаже јавноста во обид да добие некакви политички поени.

Ја информираме јавноста дека во тек е испорака на бланко обрасци за патни исправи и таа е во согласност со Анексот на Договорот за изработка на патни исправи и лични документи склучен во 2017 година, каде е утврдена количината на обрасци што треба да бидат испорачани за 2018 и 2019 година.

Станува збор за редовна испорака, вообичаена како и секогаш до сега, со цел да се обезбеди навремена испорака на патни и лични исправи за граѓаните.

МВР има задача да обезбеди патни исправи за граѓаните и постапува токму според своите надлежности. Согласно законските процедури, доколку бидат изгласани уставните измени во периодот што следува, потребен е временски период за менување на процедурите и законските промени, како и за стапување на сила на измените. Во меѓувреме, патни исправи мора да се издаваат непречено, односно да се одговори на барањата на граѓаните.

Количината на пристигнати обрасци е соодветна на предвидената динамика на потрошувачката од претходните години и е во согласност со преземените договорни обврски.