Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Делегации на Владата и СДСМ положија цвеќе на гробот на Киро Глигоров

Владина делегација, што ја предводеше министерот за здравство Венко Филипче, во придружба на министерот задолжен за подобрување на инвестициската клима за домашните компании Зоран Шапуриќ, и заменик министерот за локална самоуправа Дејан Павлески, положи свежо цвеќе на гробот на поранешниот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров, по повод седумгодишнината од неговата смрт.

„Како прв претседател на самостојна и независна Република Македонија, Глигоров имаше клучна улога во процесот на политичкото осамостојување на Македонија и нејзиното меѓународно признавање“, соопштија од Владата.

Остануваат запаметени, додаваат од таму, меѓу другото, и неговите ставови за добрососедските односи дека „ние со сите наши соседи сакаме да имаме добри, пријателски односи, да имаме што поотворени граници, и да се свртиме кон оние проблеми кои не обединуваат, кои бараат заемна соработка – економска, политичка, и друга… И да ја оставиме историјата на страна“.

Цвеќе положи и делегација на СДСМ во состав Миле Зечевиќ, организационен секретар на СДСМ, Даниела Маркоска, Форум на жени на СДСМ и Снежана Калеска Ванчева пратеничка во Собранието.

„СДСМ, како и граѓаните на Република Македонија со почит ги вреднува заложбите и придонесот на претседателот Глигоров за Република Македонија, кој изгради мостови на соработка и заедништво како во нашата држава, така и во светот и со тоа ги отвори перспективите за Македонија и сите нејзини граѓани. Во интерес на иднината на граѓаните и на Македонија, СДСМ останува определена да ги негува и развива вредностите што претседателот Глигоров ги остави зад себе“, соопштија од СДСМ.