14.8 C
Скопје
8. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Обвинение против две лица што пренесувале дрога преку Охридското Езеро

По спроведената истрага против четири лица, Обвинителството поднесе обвинителен акт за двајца македонски државјани за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги. Од Обвинителството велат дека осомничени биле и двајца државјани на Албанија, од кои за едниот била запрена кривичната постапка бидејќи немало докази, а за другиот, кој е недостапен за ограните, издадена е наредба за прекинување на истражната постапка, која ќе продолжи по неговото пронаоѓање.

Двајцата обвинети, со засега непознато лице и осомничениот кој е недостапен, во текот на февруари минатата година договориле неовластено купување заради продажба на наркотична дрога марихуана. Според договорот, дрогата требало да биде пренесена од Албанија до Македонија по водите на Охридското Езеро. Непознатото лице ја пренело дрогата сместена во пет вреќи со моторен чамец до брегот во близина на струшкото село Калишта и ја предал на лице веќе осудено за истиот настан. Осудениот потоа се договорил со обвинетите да им ја предаде дрогата, но не успеал. Во моментот кога се упатил кон договореното место бил запрен од страна на полициски службеници од СВР Охрид и по извршен претрес, на задното седиште во возилото со кое ја пренесувал дрогата биле пронајдени 14 пакувања наркотична дрога марихуана со различна тежина, со вкупна нето-маса од 38,955 килограми.​