10.4 C
Скопје
5. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Мицкоски за католичкиот Божик: Поделбите да ги замениме со толеранција и соживот

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, испрати божикна честитка до скопскиот бискуп и апостолски егзарх во Македонија, Киро Стојанов, и до сите верници од католичка вероисповед во Република Македонија.

„Празнувањето на овој голем чин во историјата на човештвото претставува најинтимен и најрадосен момент во душата на секој еден верник и следбеник на Христовото учење. Божик е најсветиот христијански празник кој го празнува раѓањето Христово, најсветол ден во животот на секој христијанин, празник кога се негуваат убавите мисли и дела. Почитувањето на традиционалните вредности, толеранцијата на различностите е нашиот заеднички идеал, кон кој сите ние се стремиме“, се вели во честитката на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски додава дека се наоѓаме во период преполн со предизвици за државата и сериозни пречки во нашето општество, па потребно е обединување.

„Повеќе до кога било во минатото, денес потребно е обединување, да ставиме крај на проблемите кои со децении се провлекуваат во нашата земја, поделбите и омразата, да го вратиме достоинството и мирот во секој од нас, да работиме и да создаваме за нашата заедничка татковина. Потребно е враќање на спокојот и сигурноста, прогонот, притисоците и поделбите да ги замениме со толеранција, вистински соживот и враќање на вербата во луѓето. Неправдата да биде замената со правда, а вредностите и принципите да бидат составен дел од нашите животи“, додава Мицкоски во божикната честитка.

Ваквите празнични моменти, вели тој, носат светлост во секој дом, но и служат како потсетување дека божиќната радост треба да биде споделена со ближните, пријателите и соседите. Овие празнични моменти, како што додава Мицкоски, носат порака за мир и разбирање помеѓу луѓето.

Спонзорирано: