26.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

„Визер“ ќе добие финансиска поддршка од Владата со обврска за летови на нови дестинации

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, одржа прес-конференција на која за успешен го прогласи јавниот повик за финансиска поддршка на авиокомпании и додаде дека единствена компанија што е пријавена на конкурсот е „Визер“.

Притоа, Сугарески ги образложи и критериумите што треба да ги исполни оваа авиокомпанија за да ја добие финансиската поддршка.

„Авиокомпанијата ‘Визер’ има обврска да почне со оперирање на најмалку четири нови дестинации од аеродромот ‘Св. Апостол Павле’ во Охрид, и тоа: првите две до 26 март 2019 година, а останатите две во рок од една година од денот на склучување на договорот и истите да ги опслужува за периодот за кој се доделува финансиската поддршка. Авиокомпанијата исто така има обврска да воспостави и две нови линии од Меѓународниот аеродром Скопје до 26 март 2019 година и истите да ги опслужува најмалку две години“, појасни министерот.

Во однос на финансиските средства, тој посочи дека предвидени се вкупно 312 милиони денари или околу 5 милиони евра за периодот од 2019 до 2022 година.

„За 2019 година предвидени се 86 милиони денари, за 2020 и 2021 година се предвидени по 104 милиони денари, а за 2022 – 17 милиони“, кажа Сугарески.

Подвлече дека Владата преку Министерството за транспорт и врски ќе додели еднократна финансиска поддршка во износ од 40 000 евра за секоја нова дестинација воведена од „Меѓународниот аеродром Скопје“ и аеродромот „Св. Апостол Павле“ – Охрид.

„За секоја нова дестинација воведена од ‘Меѓународен аеродром Скопје’ ќе се додели финансиска поддршка во износ од: 9 евра по патник во заминување во првата година од договорот, 8 евра по патник во заминување во втората година и 7 евра во третата година од договорот“, рече Сугарески и додаде дека ваквата поддршка за дестинациите од охридскиот аеродром ќе изнесува 13, 12 и 11 евра соодветно.

Министерот истакна дека целта е да се креира квалитетен и безбеден авиосообраќај, а граѓаните да добијат што повеќе нови дестинации по поволни цени.