26.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Блиски соработници на Ердоган на прием во Владата по повод денот на наставата на турски јазик

Турска делегација составена од портпаролот на претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, Ибрахим Калин, советникот за Западен Балкан на претседателот Ердоган, Сабри Демири, амбасадорката на Република Турција во Република Македонија, Тулин Еркан Кара, и претседателот на организацијата „Тика“, Сердар Чам денеска беа на прием во Владата на Република Македонија по повод Денот на наставата на турски јазик во земјава.

Нивни домаќини беа националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски, заменик-министерот за образование, Петар Атанасов, и пратеникот Мухамед Зекири.

Како што информираат од владината прес-служба, домашната делегација на гостите од Турција им го честитала празникот велејќи дека ова е празник и за Република Македонија, имајќи ги предвид одличните билатерални, но и традиционални односи меѓу двете земји.

Портпаролот на претседателот на Република Турција, Ибрахим Калин, на средбата рекол оти Македонија е многу важна држава за Република Турција и за турскиот народ, посебно затоа што многу големи личности во турската историја потекнуваат од овие простори, меѓу кои и авторот на химната на Република Турција и голем број пратеници во турскиот парламент.

Поради тоа, како што истакнал тој, има и голем интерес на турски бизнисмени да инвестираат Македонија и да придонесат за економскиот развој на државата.

Националниот координатор Пендаровски посочил дека Република Македонија, од почетокот на своите аспирации за членство во НАТО во Турција има не само сојузник, но и верен пријател со кој ќе продолжи да ја одржува соработката и по влезот во алијансата.

Заменик-министерот Атанасов, осврнувајќи се на мултикултурниот карактер на државата, пред гостите ја изложил непоколебливоста на Владата и премиерот Заев за афирмирање на мултикултурноста како вистинска вредност на едно општество.

Делегацијата од Република Турција искажала недвосмислена поддршка на патот на Република Македонија кон членство во НАТО и ЕУ, а, како што било речено на средбата, Турција таквите заложби ќе ги поддржува постојано, со целиот капацитет на своите институции.