12.8 C
Скопје
4. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Немате поим што се случувало на 27 април, му кажа обвинителката на сведокот кој го предложи Душко Лазаров

На денешното рочиште за судењето за 27 април прв од дополнителните сведоци сведочеше Тони Алексовски, сведок кој го предложи обвинетиот Душко Лазаров.

Алексовски е вработен во МВР, како началник за јавен ред и мир и превенција во Бирото за јавна безбедност. Во неговото сведочење објаснуваше каква била организацијата и процедурата за командана одговорност за настаните од 27 април. Сведокот рече дека листата на ангажирани припадници на МВР во оперативниот тим се сменила пред настаните на 27 април. Првин биле 17 членови, а потоа останале само 6.

Обвинителката Вилма Рускоска му поставуваше прашања на сведокот за да го дискредитира и рече дека не бил сосема запознаен со Упатството во МВР за златна, сребрена и бронзена команда, особено со членот 20 од тој документ. „Ако стигнала наредба од министерот за внатрешни работи, дали членовите на оперативниот тим мора да постапат“, праша обвинителката.

Алексовски рече дека има систем на хиерархија и дека наредбата од министерот може само да се пренесе. „Дали може да заклучам дека немате поим што се случувало на 27 април?“, праша Рускоска.

Тој потврди дека четири дена пред настаните во Собранието зел годишен одмор, а го викнале вечерта на крвавиот четврток во 21.30 часот и дошол за половина час.

Сведокот го испрашуваа и обвинетите Александар Василевски Нинџа и Митко Чавков.

Денеска треба да сведочат и сведоците на обвинетиот Горан Ѓошевски, меѓу кои експретседателот на Собранието, Трајко Вељаноски.

Дополнителни сведоци предложија и одбраната на обвинетите Богдан Илиевски – пет сведоци, Борис Дамовски и Јане Ченто по еден и Абдулфета Алими, кој го предложи да сведочи пратеникот Зијадин Села.

Спонзорирано: