Иванов: УБК е жариште на сите кризи, немав намера да прогласам воена состојба

Како претседател на Република Македонија уште пред две години укажав дека УБК е главното жариште на генерирање на сите политички и безбедносни кризи во Република Македонија. И по три години од дијагнозата на Прибе, болеста не е отстранета, рече претседателот Горге Иванов.

Тој уште еднаш демантира дека на 27 април планирал да прогласи воена состојба и дека наводно под притисок на меѓународната не го направил тоа. Претседателот рече дека против него се води хајка и линч со очајно смислено сценарио. Тој ја уверува јавноста дека со нарачани лажни искази и генерирање лажни вести нема да се прикрие реалноста и вистинските нарачатели на настаните од 27 април.

„Ако УБК се дрзнува без никакви основи да ги следи активностите на мојот Кабинет и да ме става мене како претседател во службени белешки кои опишуваат непостоечки настани, се плашам од помислата што сè се случува во оваа институција и како се креираат извештаи со фиктивни извори за да се постигне определена цел. Со планиран истек на калисфицирани податоци се гради лажна перцепција за на крај да се конструира судско-полициски случај“, рече Иванов.

Тој потврди дека генералниот секретар во неговиот Кабинет, Борис Јосифовски, на 27 април минатата година бил во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Кога почнале настаните во Собранието рече дека веднаш го повикал Јосифовски да го свика Кабинетот.

За неговиот советник за национална безбедност Синиша Алексовски, пак, рече дека тој ден тргнал на службен пат кон Вашингтон. „Му реков веднаш да се врати од Истанбул и после полноќ околу 1 часот пристигна, сите извештаи што ги има ги има пратено на Обвинителството. На секои 6 месеци е подлежен на полиграф. Јас би сакал сите советници да бидат подлежни на полиграф“, рече Иванов.

Тој рече дека во неговиот Кабинет на 27 април никогаш не се разговарало, ниту се размислувало за прогласување на воена, или вонредна состојба.

„Со тоа ги отфрлам и сите шпекулации дека меѓународната заедница вршела каков било притисок врз мене да отстапам од некаков наводен план за прогласување на воена или вонредна состојба. Во овој момент, јавно ги повикувам странските претставници, да излезат и да ги посочат тие кои ми вршеле притисок. Сценарио за воена и вонредна состојба немало, освен ако во Република Македонија не функционирал паралелен Врховен командант на вооружените сили и паралелен Генералштаб на Армијата на Република Македонија“, рече Иванов.

Според него, вистинското прашање е кому во тие моменти му одело во прилог да го злоупотреби Кабинетот на претседателот и да креира лажна перцепција за прогласување на воена или вонредна состојба?

Во врска со сведочењата на дел од обвинетите за настаните на 27 април кои посочија дека наводно во Кабинетот на Иванов се разговарало за прогласување воена состојба, Иванов ги охрабри оние кои го обвинуваат да се обратат до надлежните институции. Тој рече дека таквите искази се лажни.

„Деновиве сме сведоци дури и на лажни искази дадени во судскиот процес за настаните од 27 април. Прво, сакам да укажам дека за давање лажен исказ пред Суд, кривично се одговара. Второ, ги охрабрувам сите оние кои ме обвинуваат слободно да се обратат до надлежните институции, Министерството за одбрана, Армијата на Република Македонија, Агенцијата за разузнавање, Управата за безбедност и контраразузнавање и други институции кои се споменуваат, и да побараат веродостојни информации за планските и дневните активности на секој старешина, командант и војник. Овие институции треба да одговорат на прашањата каде биле одговорните лица на 27 април или претходно, и дали постојат какви било административни записи за подготовки на некакви сценарија за воена или вонредна состојба“, рече Иванов.

Истовремено, додаде тој, обвинителката Вилма Рускоска јасно потврди дека Јавното обвинителство нема докази за вмешаност на Кабинетот на претседателот во настаните од 27 април.

„Генералштабот на Армијата на Република Македонија, исто така, демантираше инволвираност во настаните од 27 април и повика на транспарентност во доставување на информации во врска со овие настани. Исто така, и Агенцијата за разузнавање, најостро ги осуди сите обиди за вмешување на Агенцијата во конструкции и лажни вести“, рече Иванов.