18.8 C
Скопје
11. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Заев: Македонија е подготвена да учествува во позитивните процеси во регионот

Премиерот Зоран Заев денеска учествува на самитот на шефови на влади на централноевропската иницијатива во Загреб, чиј домаќин е премиерот на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ. На самитот чиј фокус се изградбата на стабилност, просперитет и унапредување на соработката меѓу државите во регионот, Европа и светот има претставници од 18 земји членки, меѓу кои и премиерите на Албанија и на Словачка, а присутни се и еврокомесарот Јоханес Хан, претседателот на ЕБРД, Сума Чакрабарти, високи претставници на ОБСЕ и на Советот на Европа.

Премиерот Заев во обраќањето испрати порака дека Република Македонија е подготвена да продолжи да ги предводи позитивните процеси во регионот што носат стабилност и економски развој.

„Македонија е подготвена да ја продлабочи и прошири соработката во регионот преку добрососедски односи и во овој контекст постигнавме големи резултати. Ова се случи благодарение на подготвеноста и чувството на одговорност на земјите и политичките лидери во регионот. Но, подготвени сме да работиме на долгорочните интереси на регионот“, рече премиерот Заев.

Тој ги посочи договорите со Бугарија и со Грција како важни во оваа насока и во обраќањето упати благодарност до бугарскиот и до грчкиот премиер, Бојко Борисов и Алексис Ципрас, за придонесот во стабилизацијата на билатералните односи со Македонија, што придонесува и кон стабилизацијата во регионални рамки.

На самитот посебно е нагласена важноста на економското поврзување на државите, како и придонесот на земјите во справувањето со мигрантската криза.

„Македонија е европска земја и во географска и во политичка смисла. Преку неодамнешната бегалска криза покажавме дека сме сигурен партнер во справувањето со безбедносните предизвици на Европа. Она што е значајно е тесна соработка и координација за заштита на границите. Во овој момент и почитувајќи го присуството на комесарот Хан, би сакал да потврдам дека Македонија останува близок партнер на земјите со кои веќе успеавме да оствариме успешна билатерална соработка, како и во стратешките чекори на овој план“, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев, во врска со економската соработка, рече дека таа е важен сегмент од евро-атлантската интеграција на Македонија и регионот.

„Нашата економија е главно поврзана со економиите на ЕУ и економиите од Западен Балкан. Напредокот во интеграцијата во ЕУ и НАТО носи поволни економски резултати. Јас сум и повеќе од уверен дека сме на вистинскиот пат и за вашата поддршка и разбирање за ова. Реформите што ги правиме на домашен план се насочени кон воспоставување демократска клима што ќе ја олесни фер конкуренцијата. Исто така, ги вклучуваме и бизнис и научните заедници во дизајнирањето на нашата долгорочна стратегија за меѓусебна поврзаност. Во напорите да одговориме на идните предизвици ние особено треба да се фокусираме на прашањата на науката и младите затоа што континуираното ширење на знаењето е предуслов за напредокот. Затоа, ние целосно го поддржуваме акцентот на науката и шансите за младите“, рече премиерот Заев.