20.8 C
Скопје
9. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Новиот клинички центар, најверојатно, ќе се гради во општина Ѓорче Петров

По низа консултации и во соработка со ресорни министерства, градоначалници, експерти и советници биле разгледувани неколку локации за градење на клиничкиот центар, и тоа во општината Ѓорче Петров и Петровец, како и локации во општините Илинден и Гази Баба, информираа на синоќешната средба со пратениците во Собранието премиерот Зоран Заев и министерот за здравство, Венко Филипче, притоа нагласувајќи ја локацијата Веле Поле во општина Ѓорче Петров како најсоодветна.

Подвлекувајќи дека проектот што вреди 450 милиони евра е од суштинско, национално значење за граѓаните, премиерот Заев информирајќи подетално за предлог-локацијата Веле Поле во општина Ѓорче Петров, ги истакна позитивните страни на овој проект и подвлече дека при одбирањето на најпогодна локација се води сметка земјиштето да е во државна сопственост, за да нема потреба од дополнителни трошоци за експропријација, се оценува достапноста на водоводна мрежа и достапност на гас, енергетска ефикасност, развиена примарна патна мрежа со близина на обиколницата и соодветни вклучувања во неа. Заев пренесе дека компаративната анализа за локацијата Петровец покажува слабост во поглед на структуираноста на проектирањето и изведбата на проектот, во однос на подземниот дел, заради мочурливото земјиште и подземните што ќе повлечат поголеми издатоци за самата изведба.

„Владата е максимално отворена, опозицијата дава поддршка за потреба од изградба на клинички центар и важно е одлуките да ги донесеме заедно. Само така со гледањето и со окото на опозицијата ќе знаеме дека најдобрата одлука е донесена во врска со локацијата. Секако опозицијата со будното око ќе продолжи и понатаму да го мониторира целиот процес, но ова е важна одлука што треба да се донесе“, порача премиерот Заев пред пратениците во Собранието.

Премиерот Заев и министерот Филипче информираа за потребата од дислоцирање на клиничкиот центар „Мајка Тереза“ поради сериозните проблеми со големата фреквенција на сообраќај, кој им го отежнува пристапот на граѓаните и пациентите до објектите каде што добиваат здравствени услуги од терцијарно специјалистичко и супспецијалистичко здравство.

Министерот Филипче се осврна на важноста на дебатата со опозицијата со цел Владата да ги прикаже сите аргументи, коишто укажуваат за позитивните аспекти и недостатоците на сите разгледувани локации и за кои се земени предвид анализи на повеќе експерти од областа на урбанизмот.

Министерот за здравство за време на средбата изјави дека за ваков голем проект, како што е клиничкиот центар, нема партиски, национални или други разлики за изградба. „Ќе реализираме објект што ќе им служи на сите граѓани на Скопје, на целата држава, еден објект што не е направен во ниедна од републиките на поранешна Југославија, за што мислам дека сериозно ќе бидеме во предност во квалитетот на здравствената заштита што ќе можеме да ја дадеме, сериозно да го зајакнеме капацитетот на нашиот здравствен систем, посебно на ова највисоко терцијарно ниво и најмодерните и најсовремени медицински услуги да бидат достапни за сите“, додаде министерот Филипче, објаснувајќи дека локацијата Веле Поле се наоѓа на самата оска на обиколницата, веднаш на влезот на град Скопје, од правецот на Тетово.

Тој информираше дека е изработен и елаборат за услови на планирање на просторот во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, во кој е утврдено дека постојат поволни климатски услови во средината, како и многу елементи во прилог на економскиот и просторниот развој на општината.