16.8 C
Скопје
10. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

„Ние сме луѓе, а не бројки на хартија“, вработени од „Фени“ протестираат пред судот во Велес

Вработени во „Фени“ со транспаренти протестираат пред судот во Велес каде што повторно се разгледува планот за реорганизација на комбинатот. Преку пораки „Крај за стечајот“, „Не ми го чепкај лебот“ и „Живот за Фени“ , тие бараат на денешното рочиште да се донесе конечна одлука и да заврши на стечајната постапка.

„Стечајот многу се одолговлече. Тука бевме и во мај и во јули и еве во ноември. Маката нè тера. Тука сме да дадеме поддршка уште еднаш, да се стави крај на нашата агонија. Сè е кристално јасно. Ние работиме, земаме плати редовно, произведуваме, исплатени се доверителите, не ни е јасно зошто некој си поигрува со нашите судбини. Бараме од судот и сите надлежни институции ова да биде последно наше доаѓање, тука да биде крајот на стечајот. Ние сме луѓе, а не бројки на хартија и никој не смее да си поигрува со нас и нашите семејства, тука сме и секогаш ќе бидеме спремни да се избориме за ‘Фени’ и за нашата иднина“, рече Миле Ѓорѓиев, претседател на синдикалната организација на „Фени“.

Бараме од судот и сите надлежни институции ова да биде последно наше доаѓање, тука да биде крајот на стечајот. – Вработени во „Фени“ пред судот во Велес

Денеска судот во Велес повторно одлучува за планот за реорганизација на „Фени“, откако Апелацискиот суд одлучувајќи по жалба од дел од доверителите го врати на повторно разгледување. Од „Фени“ објаснија дека планот е вратен на повторно одлучување поради административни забелешки, за кои веднаш по одлуката на Апелација тие доставиле известувања и ревидиран план.

Откако со комбинатот под закуп стопанисува швајцарски ГСОЛ преку македонското претставништво „Еуроникел“, вработени во „Фени“ ги следат сите судења. Во мај годинава кога собранието на доверители го изгласа планот за реорганизација на „Фени“ предложен од ГСОЛ, вработените кои стоеја пред судот прогласија победа и почнаа да слават оти изгласаниот план за нив значи крај на стечајната постапка. Но одлуката ја обжалија дел од доверителите, што ја издолжи постапката.
(Mafax)