22.8 C
Скопје
13. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Ново прислушкување од 2016-та во Македонија – Владата излезе со жестока реакција

Основното јавно обвинителство Скопје почна предистражна постапка по сознанија дека во периодот од 30.09.2016 година до денеска е снимана телефонската комуникација вршена преку фиксната телефонија во објектот на jавното обвинителство.

„Имено, по првичните сознанија, снимањето се вршело на двата хард-диска на телефонската централа сместена во просториите на Основното јавно обвинителство Скопје, Вишото јавно обвинителство Скопје и Јавното обвинителство на Република Македонија“, соопштија од ОЈО.

Оттаму додаваат дека ќе се утврдуваат сите аспекти од настанот, вклучувајќи проверка на тендерската документација за набавка на опремата, овластувањата за нејзино користење, како и дали, во колкав обем и за кои цели е вршена употреба на снимените податоци.

Бошњаковски: МВР е вклучено во предистрагата за снимените разговори на обвинителите

Министерството за внатрешни работи целосно е вклучено во предистражната постапка за снимените разговори од фиксните телефони на обвинителите во Основното јавно обвинителство, изјави портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски.

„Владата остро го осудува случајот со снимените телефонски разговори во Основното јавно обвинителство. Сметаме дека ваквите појави се рецидив од минатото и пракса на минатите владејачки недемократски структури. Владата очекува дека институциите ќе посветат максимални капацитети во истрагата, дека ќе се расчисти настанот и дека јавноста ќе биде веднаш и целосно информирана“, рече тој.

Бошњаковски рече дека одговорноста мора да биде идентификувана, утврдена и целиот случај да има ефикасна судска разрешница.

„Владата исто така ги става на располагање на ОЈО сите капацитети со кои располагаме доколку е истото побарано и потребно“, истакна тој.