14.8 C
Скопје
7. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Најголем број од Сиријците во Турција живеат во Истанбул

Најнаселениот град во Турција, Истанбул, е дом на најголемиот број бегалци од Сирија, се вели во извештај од парламентот.

Турција има сместено околу 3.6 милиони Сиријци кои пребегаа од седумгодишната граѓанска војна.

Комитетот за имиграција и интеграција при Комисијата за човекови права во турскиот парламент објави извештај за образованието на Сиријците во Турција.

Околу 559.000 Сиријци живеат во Истанбул, метропола која брои население од најмалку 15 милиони, се вели во извештајот, според информациите на турската Управа за раководење со податоци за миграција при Министерството за внатрешни работи.

Според податоците, во Истанбул живеат 16,6 проценти од вкупниот број сириски бегалци во Турција.

Вкупно 3.597.938 пријавени Сиријци живеат во Турција, според податоци од 15 ноември 2018. За споредба, минатата година таа бројка изнесувала 3,42 милиони.

Меѓу десетте области каде што живеат најголем број Сиријци, Санлиурфа во југоисточниот дел на Турција е дом на околу 460.000 бегалци, додека преку 400.000 живеат во покраината Хатај, која се граничи со Сирија.

Во Килис во моментов живеат околу 122.000 Сиријци, а во Конја повеќе од 102.000 бегалци од Сирија.