25.8 C
Скопје
7. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Иванов: Ристовски беше пример за ангажиран интелектуалец со храброст да зборува и за најтешките прашања за државата

Со длабока болка и тага ја примив веста за смртта на познатиот македонски историчар и филолог, академик Блаже Ристовски, стои во телеграмата со сочуство што ја упати претседателот Ѓорге Иванов по повод смртта на академикот.

„Иако во овие тажни мигови не постојат зборови со кои може да се надомести загубата, дозволете ми да ви изразам најискрено и најдлабоко сочувство. Академик Блаже Ристовски целиот свој работен век го помина во научно проучување на историскиот и културен развој на идејата за создавање слободна македонска држава“, се наведува во телеграмата на македонскиот претседател.

Во неа се додава дека Ристовски објавил повеќе книги и стотици научни статии за развитокот на македонската културно-национална мисла, во кои одново до читателите го приближил животот и делото на најзначајните македонски културни дејци, како што е Крсте Петков Мисирков.

„Како потпретседател на првата влада на независна Република Македонија, тој даде пример за тоа како се бранат државните интереси. Тој беше пример на ангажиран интелектуалец, кој имаше храброст да зборува и за најтешките прашања за Република Македонија“, пишува Иванов во телеграмата.

Македонскиот претседател истакнува дека смртта на Ристовски е загуба за научниот и академискиот свет, но и за Република Македонија.

„Ќе ни недостигаат неговите мудри совети исполнети со длабока промисленост за македонската кауза. Вечно ќе му бидеме благодарни за творештвото што ни го остави, за сè што напиша, создаде и инспирира“, наведува Иванов.