20.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Британски суд го одби барањето на Турција за екстрадиција на осомничените приврзаници на ФЕТО

Британски суд го одби барањето на Анкара за екстрадиција на тројца осомничени за наводна поврзаност со терористичката организација Фетула (ФЕТО), која стои зад неуспешниот пуч во Турција во 2016.

Судот на магистрати од Вестминстер соопшти дека поранешниот директор на „Коза холдинг“, Хамди Акин Ипек, и други двајца обвинети – Талип Бујук, наводниот „имам“ на терористичката група во Ирак, и Али Челик, директорот на банката „Асја“, нема да бидат екстрадирани во Турција, но пресудата е отворена за апелација.

Турција има право на апелација во судот во рок од 14 дена.

Ипек беше приведен во мај, откако Турција побара негова ектрадиција поради обвиненија поврзани со државниот удар.

Судот го заплени неговиот пасош и му забрани излез од Лондон, но го ослободи со кауција во висина од 50 000 фунти, процедура што не е невообичаена во Кралството.

Ипек, кој е обвинет за државен удар и обид за урнисување на турската влада и кршење на уставот, се соочува со две доживотни затворски казни.

Покрај ова, тој се соочува со затворска казна од можни 132 години за организирање терористичка група, воена и политичка шпионажа, лажирање документи и злоупотреба на пари во Турција.

Групата ФЕТО и нејзиниот лидер Фетула Ѓулен стојат зад неуспешниот пуч во Турција што се случи на 15 јули 2016. Во нападите загинаа 251 лице, а 2.200 беа повредени.

Анкара тврди дека ФЕТО исто така стои зад долгогодишната кампања со која групата сака да ја урниса државата преку инфилтрирање во институциите, особено војската, полицијата и судството на Турција.