23.8 C
Скопје
8. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Николовски: Ја подобруваме бизнис-климата во агросекторот

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, заедно со директорите на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, и на Државниот инспекторат за земјоделство, Благој Индов, по покана на претседателот на Регионалната стопанска комора од Кавадарци, Никола Наумов, одржаа работен состанок со бизнис-заедницата од Тиквешијата. На состанокот присуствуваа претставници од винарниците, откупните центри и земјоделските стопанства.

Министерот Николовски посочи дека лозарството е стратешка гранка и оваа Влада посветено работи на поттикнување за зголемување на површините. Николовски информира дека исплатени се речиси сите заостанати субвенции од 2013 до 2016 година, како и по програмата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој за 2017 година. Но, ги извести бизнисмените дека се подготвува и нов модел за субвенционирање за што преку проект од ЕУ е направена анализа.

Николовски ги информира бизнисмените дека во наредните денови ќе биде објавен нов повик за ИПАРД 2. Годинава, како што истакна, ќе бидат обезбедени 2,5 пати повеќе средства од буџетот за кофинансирање на проектите од ИПАРД 2- програмата.

„Како Влада и ресорно Министерство, работиме на создавање поволни бизнис-услови за компаниите од агросекторот. Во тој контекст, ве информирам дека во наредниот период ќе биде објавен вториот повик од ИПАРД 2-програмата, мерка 3 – „Инвестиции во преработувачки капацитети“. Со оваа мерка ќе се овозможат нови инвестиции во преработувачката индустрија, создавање производи со додадена вредност, што ќе влијае и врз пласманот на земјоделските производи. Паралелно, посветено работиме на реализација на капитални инвестиции во водостопанството за што во новиот буџет на МЗШВ се издвоени околу 428 милиони денари или 290 милиони денари од годинава. Во насока на создавање поволна бизнис-клима, работиме на измена на неколку закони, како Законот за земјоделското земјиште, Законот за советодавните услуги, нови огласи, доделување под концесија за нератрактивно земјиште и за инвеститорите“, порача министерот Николовски.

На состанокот беа презентирани мерките и политиките што ги презема МЗШВ во делот на овоштарството, лозарството и другите култури. Бизнисмените се интересираа за ИПАРД-програмата, за дел од постојните мерки од програмата за дирекни плаќања и за новиот модел на субвенционирање.