11.8 C
Скопје
4. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

СЈО: Во случајот „Империја“ испрани се речиси 11 милиони евра

Во случајот „Империја“ на Специјалното јавно обвинителство испрани биле речиси 11 милиони евра, а буџетот на Република Македонија бил оштетен за 6.2 милиони евра, информираше СЈО.

Во рамките на истрагата, судот донел решенија за определување привремена мерка одземање на дел од имотот заради обезбедување на правните лица Орка холдинг АД и Ексико ДООЕЛ Скопје и решенија за привремено да се запре одливот на парични средства од банкарските сметки на Ексико и Тимох увоз извоз ДОО Скопје.

„Информираме дека петте осомничени лица, за кои беше поднесен предлог за определување на мерка притвор, се приведени врз основа на издадени наредби за приведување од судија на претходна постапка, а нивното изведување пред судијата е извршено откако беа завршени претресите кај истите врз основа на издадените наредби за претрес. Потсетуваме дека во наредниот период истрагата во случајот „Империја“ ќе биде проширена за повеќе лица и за повеќе кривични дела“, стои во соопштението на СЈО.

За случајот „Империја“ триесетдневен притвор беше определен за бизнисменот Орце Камчев, неговиот соработник Ненад Јосифовиќ, директорот на „Ексико“ Тодор Мирчевски, Цветан Панделески, директор на ЗК Пелагонија и за Зорица Арсовска, сметководител во фирмите на Камчев.

Под истрага е и Сашо Мијалков, поранешен директор на УБК, Ратка Куноска Камчева – мајка на Камчев и неизвршен член на Одбор на директори на Орка Ходинг, Кристина Камчева Стојческа – сестра на Камчев и неизвршен член на Одбор на директори на Жито Полог Тетово, Лилјана Гајдоска – правник во фирмите на Камчев, неизвршен член на Одбор на директори на ЗК Пелагонија, Владислав Стајковиќ – сопственик на НВСП, доскорешен директор на „Мобико“ и поранешен директор на „Финзи“, Ванче Мијалчев – извршен директор на Бетон Штип, Јованче Тасковски – брокер и овластено лице во ДИС- Архивирај ДОО Скопје и Дејан Јанев од О.Т.Е Инвест.

Спонзорирано: