9.8 C
Скопје
6. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Арсовски: Со воведувањето на прогресивниот данок, СДСМ повикува на непослушност и зголемување на даночната евазија

СДСМ со воведување на прогресивниот данок, односно покачувајќи го за дополнителни 8% за сите оние што заработуваат над 90 000 денари само ги повикува граѓаните на непослушност и ќе стимулира зголемување на даночната евазија, обвини Димче Арсовски од ВМРО-ДПМНЕ.

„СДСМ, Тевдовски и Заев од уста не го вадеа зборот дебата, а сега преку ноќ, без да чујат или приберат мислење од фелата, компаниите, бизнис-секторот, го воведуваат прогресивниот данок на штета на граѓаните и на државата.

Очигледно, со ова само ќе ја зголемат сиромаштијата во Република Македонија, која и така е огромна. Ова е неправедна даночна реформа која ќе оди директно на штета на граѓаните. Замислете, сега над 450 000 граѓани живеат во сиромаштија, а со оваа реформа дополнително ќе се стимулира ширење на сиромаштијата. Ќе се стимулира и даночната евазија, ќе се стимулира намалување на платите, нема да се отвораат нови работни места и сè повеќе ќе се зголеми инфлацијата. И најважното за граѓаните, ќе се зголемат трошоците за живот. Ова, почитувани, доведува до сиромаштија.

Целата експертска јавност, бизнис-заедницата, компаниите, професорите, сите се против оваа реформа, а Заев и Тевдовски сè уште не можат да сфатат дека со ова освен штета ништо друго нема да постигнат.

Ќе ви дадам прости примери за целата јавност да може да види дека штета ќе трпат граѓаните.

Замислете едно семејство кое живее во заедница каде што живеат 6 или 8 членови и кое се занимава единствено со земјоделие и тоа е единствениот начин преку кој заработува. Во тоа семејството само еден е пријавен како земјоделец и го издржува целото семејство, а СДСМ со оваа реформа директно го осиромашува целото семејство за дополнителни 8%. Па така со покачувањето на данокот нив ќе им се влијае негативно и на приходот, односно ќе им се намали приходот бидејќи ќе плаќаат дополнително 8% данок, но и ќе им бидат повисоки трошоците за наредната година за сеидба или што и да работат, бидејќи оваа мерка ќе резултира со покачување на цените на трошоците. Резултатот е дека со оваа мерка значително ќе им се намали заработката на целото семејство по само 1 земјоделска година, односно сезона.
Или, пак, друг пример, една од најбрзорастечките индустрии во државата е ИТ-индустријата, која беше и сè уште е еден од приоритетите на ВМРО-ДПМНЕ. Сега, Заев и Тевдовски наместо да носат мерки за враќање на иселените, со ова дополнително ќе стимулираат одлевање на квалитетен кадар од ИТ-секторот. За жал, тоа оди на штета на државата и граѓаните и на целиот квалитетен кадар од ИТ-фелата.

СДСМ е најантидржавна и најантиграѓанска партија што ја предводи Владата на Република Македонија.

Да ѝ нанесеш штета на целата држава и на целиот приватен сектор и на граѓаните, за годишен приход од 25 милиони евра, што, сепак, е знак прашалник дали и толку ќе бидат годишно, е навистина лудо, непромислено и недоветно.

Но,, за жал, тоа е СДСМ. Секогаш кога е СДСМ на власт, државата тоне во криминал, корупција и сиромаштија. Затоа, што побрзо си замине СДСМ од власт, толку побрзо Македонија ќе тргне напред!“ порача Арсовски.

Спонзорирано: