14.8 C
Скопје
24. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

(Видео) Потпишани договори за нови инвестиции во преносната мрежа на АД МЕПСО во висина од 18 милиони евра

Денеска, во Владата, во организација на АД МЕПСО се одржа настан посветен на потпишување договори со 5 реномирани компании за нови инвестиции во преносната мрежа со којашто управува операторот на електропреносниот систем на Република Македонија АД МЕПСО, во вкупен износ од 18 милиони евра, соопштија од Владата по завршувањето на настанот.

Станува збор за модернизација и возобновување на преносната мрежа со што ќе се обезбеди стабилно и квалитетно снабдување со електрична енергија за граѓаните и бизнисот на долг рок и ќе придонесе кон енергетски и економски развој на земјата, велат од Владата.

„Крајниот бенефит од овие нови инвестиции во висина од 18 милиони евра во преносната мрежа на електроенергетскиот систем ќе ги почувствуваат компаниите, граѓаните и идните генерации преку навремено, брзо, квалитетно и стабилно снабдување со електрична енергија. Истовремено со реализација на овие нови инвестиции на АД МЕПСО ќе се отвори можност за намалување на трошоците на работење, со што ќе се создадат услови и за намалување на крајната цена што ја плаќаат граѓаните и компаниите бидејќи очекувањата се дека ќе се намали преносната такса што ја добива АД МЕПСО“, порача премиерот Заев за време на своето обраќање на настанот.

Заменик-претседателот на Владата за економски прашања, Кочо Анѓушев, пак, истакна дека електропреносниот систем, односно МЕПСО е крвотокот на електроенергетиката во земјава.„Квалитетниот преносен систем значи стабилно и сигурно снабдување со електрична енергија на граѓаните и на стопанството“, нагласи Анѓушев и додаде дека тоа е единствениот услов кој треба да се запази за да се обезбеди одржливост на енергетскиот систем, а преку овие договори тоа и се овозможува.

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, рече дека инвестициите во електропреносниот систем на Македонија се од клучно значење за севкупниот стопански развој на државата.

„Министерството за транспорт и врски како акционер, активно ќе учествува и ќе го поддржува АД МЕПСО во сите стратешки и оперативни активности во насока на реализација на предизвикот што стои пред сите нас, а тоа е транзиција на преносните мрежи во паметни мрежи, односно популарната дигитализација, со што ќе се зголеми ефикасноста на преносните системи“, истакна Сугарески.

На денешниот настан говореше и директорот на АД МЕПСО, Сашо Василевски. Василевски во своето обраќање зборуваше за значењето на овој голем инвестициски проект во преносната мрежа и за следните планови на АД МЕПСО.

„Денеска за мене и за мојот тим е голем ден. Затоа што на овој ден добиваме признание за нашата тимска макотрпна и посветена работа. Правиме важен исчекор за подобрување на стабилноста и доверливоста на електропреносниот систем. Испорачуваме резултат“, порача директорот Василевски.

Спонзорирано: